„ВИЕНА ВО БИТОЛА“ КОНЦЕРТ НА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА БИТОЛА

„ВИЕНА ВО БИТОЛА“ КОНЦЕРТ НА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР НА БИТОЛА

Во преполната сала на Центарот за култура вo Битола, синоќа се одржа концертот „Виена во Битола“, во изведба на битолскиот Камерен оркестар, под диригентската палка на двајца диригенти, Владимир Димовски и Иван Еминовиќ.

Покрај гостинот диригент, на концертот настапија и сопраните Зана Абази Рамадани од Косово и Ивана Здравкова, како и тенорот од Италија, Роберто Јакини Вирџили.

Музичката програма, во која преовладуваа Штраусовите валцери, полки и мaршеви, беше надополнета со изведба на истакнати балетски солисти при НОБ, предводени од примабалерината Мими Поп Алексова.

Најголем интерес кај публиката предизвика изведбата на „Пицикато полка“, „Чекан полка“, валцерите „Приказни од виенската шума“, „На убавиот син Дунав“, изведбата на познатата арија од операта „Травијата“, а за крај и познатиот „Радетски марш“, на кој публиката беше активен учесник со аплаудирање.

Концертот „Виена во Битола“, беше поддржан од општина Битола, која како и во досегашниот период и понатаму останува да биде поддржувач на секогаш квалитетната програма на Камерниот оркестар на Битола, кој сосема заслужено добива статус на национална установа.