ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ВО БИТОЛА СЕ РЕАЛИЗИРА НА 24 ЛОКАЦИИ СО НАД 1000 УЧЕСНИЦИ

ГЕНЕРАЛКА ВИКЕНД ВО БИТОЛА СЕ РЕАЛИЗИРА НА 24 ЛОКАЦИИ СО НАД 1000 УЧЕСНИЦИ

Општина Битола денес започна со реализација на активностите од најголемата еколошка акција за чистење, која се спроведува заедно со ЈКП Водовод, КЈП Нискоградба, и ЈП Комуналец, како и со вклучување на три приватни фирми, учество на советници од Советот на општина Битола, Локалниот совет на млади, дел од основните и средните училишта во градот, како и повеќе граѓани. Акцијата се реализира на иницијатива на Мен енд Маунтен во соработка со Пивара Скопје и ПАКОМАК. Со „Генералка викенд“, во Битола ќе се чисти на 24 локации со над 1000 учесници во акцијата, а целта е чистење на отпадот и создавање еколошки одржлива иднина.„Со денешните активности на улицата „Кочо Рацин“, се вклучуваме во големата акција за чистење и пошумување „Генералка викенд“, која се реализира во 26 општини. Со цел, да постигнеме колку е можно поголем ефект во расчистувањето на јавните површини, но и да ги мотивираме граѓаните да извршат чистење на просторот пред нивните домови, одлучивме акцијата да се спроведува два дена, а нашите јавни претпријатија, со голем дел од својот капацитет, ги ставивме во функција на оваа акција.

Во Битола, денес и утре се врши чистење на 24 локации, меѓу кои има и поголеми диви депонии, но и мини депонии, затревени површини, како и расфрлени отпадоци кои оставаат лоша слика низ улиците. Меѓу поголемите депонии кои ќе бидат исчистени, ќе ги споменам депонијата на патот Ушици – Стрелиште, неколку депонии во АРМ, тоа што беше барање, но и потреба на пазрџиите и сите нас, односно расчистување на просторот кај Новиот пазар, обиколницата на патот М5, каде во текот на утрешниот ден ќе се вклучат и две приватни фирми, депонија во селото Црнобуки, каде се вклучува уште една приватна фирма и други локации.

Во оваа прилика, сакам да им се заблагодарам на граѓаните кои самоиницијативно се вклучуваат во акцијата, на директорите на јавните претпријатија, како и на приватните фирми кои на овој начин ја покажуваат својата општествена одговорност, но посебно сакам да им се заблагодарам и на младите и учениците кои заедно со своите наставници се дел од оваа акција и на тој начин од најрана возраст ја покажуваат својата грижа за животната средина. Генералка викенд, денес започнува и во 6 основни и 2 средни училишта, со вкупно вклучени 745 ученици, а покрај чистењето, во училиштата се врши и селекција на отпадот, што е особено значајно за подигнување на јавната свест за начините на кои можеме да влијаеме за поубава и почиста Битола. Исто така, дел од акцијата се и локалниот младински совет, како и претставници на повеќе урбани заедници. Верувам дека сите заедно, овие два дена, значително ќе ја подобриме хигиената во градот“, рече градоначалникот Тони Коњановски, за време на денешниот почеток на акцијата „Генералка викенд“ во Битола.

Активностите кои се дел од акцијата „Генералка викенд“, денес ќе се реализираат до 14.00 часот, а утрешната акција ќе трае од 08.00 до 12.00 часот.