ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА ПРВАТА СЕДНИЦА ОД СОВЕТОТ ЌЕ ПОБАРА ДОНАЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ТЕМЕЛИТЕ НА ЦРКВАТА КАЈ ЈЕНИ ЏАМИЈА

ГРАДОНАЧАЛНИЧКАТА НА ПРВАТА СЕДНИЦА ОД СОВЕТОТ ЌЕ ПОБАРА ДОНАЦИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ТЕМЕЛИТЕ НА ЦРКВАТА КАЈ ЈЕНИ ЏАМИЈА

На Светскиот ден на заштита на спомениците на културата и локалитетите, министерката за култура Ирена Стефоска, заедно со градоначалничката Наташа Петровска и директорката на НУ Завод и Музеј-Битола Мери Стојанова, ја посетија Јени џамија и извршија увид на реконструкцијата на џамијата, како и на истражувачкиот процес околу новите арехолошки наоди за некогашната црква во тој дел на градот.

На прес-конференцијата, градоначалничката Петровска најави посебна финансиска поддршка за заштита на новите арехолошки наоди и програма за промоција на Јени џамија и некогашната црква во центарот на градот.

„Светскиот ден за заштита на културното наследство е особено значаен за град како што е Битола, заради културното наследство кое што го имаме и низата археолошки наоди. Нивната заштита, реставрацијата, конзервацијата, е значајна од аспект на зголемување на потенцијалот за развој на туризмот и тие придонесуваат за економскиот развој на општината, но и за зачувување на нашиот идентитет како дел од мозаичната слика на глобално ниво, гледана од аспект на културно идентитетска препознатливост. Битола од секогаш како град покажувала дека е место за соживот на сите етникуми, а потврда за тоа е и локацијата каде има археолошки наоди за постоење на црква во минатото, а сега и џамија. Како градоначалник на првата наредна седница на Советот на Општина Битола ќе предложам Општина Битола да донира финансиски средства со цел да се заштитат ископините во центарот на градот, односно арехолошките наоди од некогашната црква со што ќе покажеме дека умееме практично да ги чуваме и сочуваме нашите вредности и нашата привлечност како град за туристи, секако по завршувањето на ковид-кризата“, рече Петровска.

Градоначалничката Петровска и директорката на битолскиот Музеј, Мери Стојанова,заедно со министерката за култура Ирена Стефоска, ја посетија и спомен куќата на Стив Наумов, со цел да ја запознаат за тековните активности на санација на оваа куќа.

Претходно, министерката Стефоска го посети Испахането, од каде што истакна дека Завод и музеј – Битола Ислахането го става во списокот на објекти под привремена заштита.