ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МОБИЛНОСТА И БЕЗБЕДНОСТА НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА МОБИЛНОСТА И БЕЗБЕДНОСТА НА УЧЕСНИЦИТЕ ВО СООБРАЌАЈОТ

Советот на Општина Битола на денешната седница донесе одлука, со која се усвојува сообраќајната студија и идеjниот сообраќаен проект со динамичка микроскопска симулација и организирање на режим на сообраќај во централно градско подрачје на град Битола, со граници на опфат (на север Булевар 1 ви Мај, на запад улица Кузман Јосифовски,на југ улица Солунска и исток улица 4 ти Ноември).

Со оваа студија се предвидува зголемување на површините за пешаци и велосипедисти, што ќе се реализира со изготвување на проектна документација, согласно законската регулатива.

Во Централното градско јадро на град Битола, како заштитено културно наследство, приоритет треба да имаат пешаците и велосипедистите. Студијата дава генерални насоки на понатамошниот режим на сообраќајот. Како основа за нејзина изработка, земени се, претходни плански документации: сообраќајна студија од 2011, ГУП, детални урбанистички планови и законските прописи.

Студијата е конципирана врз основа на извршена споредба на предвидените плански решенија и моменталната состојба на сообраќајот и содржи мерливи податоци за одвивањето на сообраќајот во градот, сега и во иднина. Податоците треба континуирано да се ажурираат и да се постапува со конкретни мерки. Во процесот на изработка на студијата извршена е виртуелна симулација со софтверот VISSIM, при што идејните решенија, се проверени во виртуелниот модел.

Студијата е достапна на веб страната на Општина Битола.