НЕЗАБОРАВНО ИЗДАНИЕ НА „НЕЗАБОРАВ“

НЕЗАБОРАВНО ИЗДАНИЕ НА „НЕЗАБОРАВ“

Добра музика, радост, песна, носталгија за поранешни времиња, за битолскиот боемштилак……вака накусо може да се опише синоќешниот концерт посветен на групата „Битолски конзули“, кој се одржа во рамките на проектот „Незаборав“ на битолчанецот Панде Димитровски.

Во полната сала на Центарот за култура во Битола, присутните уживаа во спомените посветени на групата „Битолски конзули“, со дел од некогашните членови на групата, како и со нивните гости на концертот, групата „Калабалак“, Кирил Стојчевски на хармоника и солистите Зоран Маневски и Бојан Стојков. Музицирањето во живо беше посебниот елемент на овој концерт, на кој сите заеднички пееја и се натпеваа, другарувајќи со минатото и со сегашноста, поврзана за песните на „Битолските конзули“.

Манифестацијата „Незаборав“, која и годинава се одржа во рамките на Бит фест, по 8-ми пат донесува сеќавања поврзани за големи музички имиња од Битола. Во изминатите години, музичкиот проект „Незаборав“ им беше посветен на Сашка Петковска, Јонче Христовски, Пепи Бавтировски, Љупчо Спасеновски (Буба Мара), Добри Ставревски, Гоце Николовски и Миле Шерденков.