ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „МЛАДИТЕ – КРЕАТОРИ НА НАШАТА ИДНИНА“

ОПШТИНА БИТОЛА ДЕЛ ОД ПРОЕКТОТ „МЛАДИТЕ – КРЕАТОРИ НА НАШАТА ИДНИНА“

Општина Битола ја даде својата поддршка за реализација на проектот „Младите-креатори на нашата иднина“. Во рамките на проектот, ученици од битолските училишта, ќе ги искажуваат своите креативности во различни области. Со учество на градоначалниците чии општини се дел од проектот, беше одбележан почетокот на активностите. Градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, ја поздрави иницијативата на организаторите, да креираат проект кој во денешно време ќе донесе дополнителен поттик, радост и дружење кај помладата генерација.

„Се радувам што во овие изместени животни околности, имаме една ваква убава иницијатива за создавање и творење на нешто кое вградува вредности не само за сегашноста, туку и за утрешнината. Особено делува животовдахнувачки, заради состојбите во изминатава година. Токму затоа, инспирација, мотив и причина повеќе е како општина да учествуваме во овој проект, кој што отвора можности за социјализација и дружба, покрај творечкиот аспект. Посакувам успех во реализацијата на проектот, поддршка кон сите следни фази кои што ќе се случуваат и поддршка до сите учесници, но и благодарност до нив, до сите млади луѓе кои што се вклучија во овие активности. Им посакувам среќа и успех за проектот, но најголемиот успех кој што го гледам е во катадневната радост што ќе ја имаат учесниците, во дружбата и во творбата. Ова е проект кој на сите заедно ни дава пример дека и во специфични околности умееме како човештво да покажеме пркос во позитивна смисла“, посочи во своето обраќање градоначалничката Петровска.

На отворањето на проектот се обратија и градоначалниците на општините Центар, Куманово, Радовиш, Охрид, директорот на Агенцијата за млади и спорт, како и претседателката на здружението „Т’га за југ“ Евгенија Николовска, кое е носител на проектот.

Над 370 ученици од цела држава, во следните месеци, заедно со нивните ментори, ќе работат, творат, креираат и ќе ги развиваат своите вештини во повеќе области: музика, драма, ликовно творештво итн.