ОПШТИНА БИТОЛА ПОДГОТВЕНА ЗА 40-ТОТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

ОПШТИНА БИТОЛА ПОДГОТВЕНА ЗА 40-ТОТО ИЗДАНИЕ НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

Течат последните подготовки за јубилејното 40-то издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ кое ќе се одржи во Битола од 14 до 21 септември. На третата по ред прес конференција, градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, ја соопшти поддршката која годинава ја дава градот домаќин за фестивалот.

„Следува јубилејно издание на за нас многу значајниот фестивал „Браќа Манаки“, значаен не само затоа што го збогатува културниот живот, туку и затоа што дава додадена вредност на препознатливост на градот во светски рамки. Токму заради тоа, оваа година Општина Битола го поддржа фестивалот во делот на организација со 400.000 денари, како и во делот на сместувачки капацитети за гостите во вредност од околу 2.500.000 денари, што значи дека годинава финансиската поддршка на општината за фестивалот е околу 3.000.000 денари. Исто така, сакам да нагласам во оваа прилика и нешто што е значајно за овај фестивал, дека годинава Општина Битола успеа да обезбеди над 8.500.000 денари од Министерството за култура за ентериерно уредување на киното Манаки, нешто што започнало во далечната 2013 година. Заедно со проектот „Кино култура“ кој што го доби општината во прекуграничната соработка со Грција за кино опремата, ќе имаме затворање на целината на киното, што пак е додадена вредност на настаните кои што се случуваат и во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“. Општина Битола и во годините кои што следуваат ќе му дава сериозен инпут на истиот, со што ќе придонесе Битола да биде препознатлива во светски рамки“, посочи градоначалничката Петровска.

На прес конференцијата претседателот на ДФРМ Игор Иванов Изи го објави името на годинешниот добитник на наградата на Друштвото на филмските работници – „Големата ѕвезда на македонскиот филм“. Станува збор за композиторот на филмска музика Љупчо Константинов. Уметничкиот директор на фестивалот Благој Куновски-Доре соопшти дел од имињата на филмовите во главната компетиција, а директорката на фестивалот и селектор на документарната програма Гена Теодосиевска ги претстави 10-те филмови во документарната програма, како и наградата за најдобар документарен филм, која годинава ќе ја додели Општина Битола.

Една од ѕвездите на годинешното јубилејно фестивалско издание е германско-турскиот режисер Фатих Акин.