ОТКРИЕНА СПОМЕН БИСТА НА НАРОДНИОТ ХЕРОЈ ЈОНЧЕ МУРЏЕВСКИ

ОТКРИЕНА СПОМЕН БИСТА НА НАРОДНИОТ ХЕРОЈ ЈОНЧЕ МУРЏЕВСКИ

Во непосредна близина на Урбаната заедница Јонче Мурџевски во Нова Битола, свечено беше откриена бистата на овој  народен херој, припадник на македонското националноослободително движење и учесник во Антифашистичката војна од страна на градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски и претседателот на Урбаната заедница Пеце Гаштаров.

На свеченоста присуствуваа и пратеничката во македонското собрание Силвана Ангелевска, претставници на Општинската организација на Сојузот на борците Битола, советници и граѓани.

На свеченото откривање на бистата на Јонче Мурџевски, градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски посочи дека општина Битола е секогаш подготвена да ги реализира иницијативите со кои им се оддава почит на лицата кои што го дале својот живот да нашата слобода.

На свеченоста се обрати и претседателот на ОО на Сојузот на борци Стефан Бошков, кој истакна дека Мурџевски бил еден од раководителите и најактивните комунисти во Ѓавато, а неговата куќа била редовно место за одржување на партиски состаноци и криење на илегалци. По нападот на бугарскиот участок, на 22 август 1942 г. бил уапсен од бугарската полиција и затворен во Битолскиот затвор. Во октомври 1942 г. бугарскиот суд го осудил на смртна казна со бесење и таа набрзо била реализирана во Битолскиот затвор.

На иницијатива на Општинската организација на Сојузот на борците Битола, беше иницирана постапката за поставување на бистата на народниот херој Јонче Мурџевски. Ваквата иницијатива беше прифатена во Советот на општина Битола, со што се изврши измена во Програмата за спомен обележја.

Со помош на јавните претпријатија и приватни компании се изврши уредување на околниот простор, а бистата со ликот на народниот херој Јонче Мурџевски е донација од страна на Општинската организација на Сојузот на борците Битола. Постаментот е донацџија на АМД „Ѓорѓи Наумов“ од Битола.