ОТПОЧНАТ ПРОЕКТОТ: МЕМОРИЈАЛЕН ПАРК НА ЕВРЕИТЕ ОД БИТОЛА

ОТПОЧНАТ ПРОЕКТОТ: МЕМОРИЈАЛЕН ПАРК НА ЕВРЕИТЕ ОД БИТОЛА

ParkEvrei12_2015-5 ParkEvrei12_2015-4 ParkEvrei12_2015-3 ParkEvrei12_2015-2 ParkEvrei12_2015-1

На Еврејските гробишта во Битола, денеска беше означено отпочнувањето на проектот: „Меморијален парк на Евреите од Монастир-Битола“. Официјалниот почеток на реализацијата на проектот со свои говори го поздравија: Министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа Милевска, Министерот Џери Наумов, Н.Е Дан Оријан – Амбасадор на Израел во Македонија, Градоначалникот на Општина Битола – Владимир Талески, Директорот на управата за заштита на културното наследство на Република Македонија – Виктор Лилчиќ, Претставници од Еврејската заедница, Претставници од Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Делегација на млади амбасадори од Бнеи Акива од Израел, Шели Леви Друмер – Универзитет Бар Илан од Тел Авив, Уметникот Мати Грунберг од Израел, г-дин и г-ѓа Голдшмит – продуценти од Израел.
Основната идеја на овој проект е Еврејските гробишта во Битола да се преуредат како Меморијален парк на Евреите во Битола со што ќе се заштити историското наследство на Еврејската заедница која опстојуваше во Битола над пет века и ќе се спречи ерозија на оголената локација.
Меморијалниот парк ќе стане нова културна и урбанистичка атракција за сите љубители од земјата и светот, коишто истовремено сакаат да се запознаат и да се едуцираат за историјата и културното наследство и воедно ги ценат современите високо технолошки и естетски решенија за уредување и заштита на урбаната животна средина.
Во рамките на денешниот настан, беше потпишан и проширен меморандум за соработка кој покрај досегашните партнери Општина Битола, претставувана од градоначалникот д-р Владимир Талески и здружението за одржлив развој, архитектура и амбиент – АРХАМ од Битола и Н.Е Дан Оријан, Амбасадор на Израел во Македонија и раководител на одделот за Балкан при Министерството за надворешни работи на Израел, добива поддршка и од Еврејската заедница на РМ и Фондацијата Фонд на Холокаустот на Евреите од Македонија. Меморандумот претставува понатамошен чекор на развој на активностите превземени со Меморандумот за соработка од месец август оваа година преку проширување на партнерите кои пристапуваат и понатамошно дефинирање на целите, задачите и односите помеѓу неговите потписници.