ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА НА ТЕМА: „УСПЕХОТ НЕ Е СЛУЧАЈНОСТ. ЖЕНИТЕ ИНСПИРИРААТ И СОЗДАВААТ!“

ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА НА ТЕМА: „УСПЕХОТ НЕ Е СЛУЧАЈНОСТ. ЖЕНИТЕ ИНСПИРИРААТ И СОЗДАВААТ!“

Во организација на Советот за женско претприемништво на општина Битола, денес се одржа панел дискусија на тема: „Успехот не е случајност. Жените инспирираат и создаваат!“

Настанот беше организиран по повод интернационалниот ден на жената 8-ми март, во насока на создавање свет каде што постои еднаквост меѓу половите, без пристрасност, стереотипи и дискриминација, разновиден, правичен и инклузивен.

Целта на настанот беше да се прослават жените во бизнисот, достигнувањата на жените, а со тоа да се подигне свеста против дискриминацијата и да се преземаат акции за поттикнување на родовата еднаквост.

Присутните на настанот ги поздрави градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, кој нагласи дека овој настан е потврда на досегашните активности, но истовремено и репрезент на постојаниот напредок во полето на родовата еднаквост, на што општината посветено работи.

„Неколку години наназад Битола, како општина го има лидерското место во државата во поглед на заложбите за создавање еднакви можности, но во последните две години, она на што ставаме посебен акцент е видливата соработка со женските организации, заштитата во поглед на родово базираното и семејно насилство и посебно, економското јакнење на жената.

Со формирањето на Советот за женско претприемништво, ценам дека, веќе се искачуваме многу нивоа погоре не само во разбивањето на стереотипите, туку и во презентирањето на женската интелектуална сила, нејзината инвентивност и способност да создава, а со тоа да инспирира кон создавање на нови успшни приказни.

Никогаш не ќе успеевме да направиме и најмал чекор напред, без Вашaта вклученост, женската ангажираност и желба за работа.

Успехот на сите Вас кои сте дел од денешниот настан, знам дека не дошол случајно и за постигнатите резултати сте вложиле многу од своето слободно време, додека паралелно сте и посветени мајки и сопруги.  Токму, ваквите инспиративни приказни, верувам дека се силен мотив за поголема вклученост на жените во бизнис секторот, искористување на можностите кои доаѓаат со претприемништвото.

Овој начин на одбележување на празникот е токму вистинското потсетување на неговото настанување и значење како ден на борба за економска, политичка и социјална рамноправност на мажите и жените.

Во пресрет на 8 Март – Интернационалниот ден на жената, сакам да ви посакам многу успех во вашата понатамошна работа и преку успешна промоција на женските вештини и иницијативи, посакувам да продолжите да бидете пример кој ќе стане поттик за жените од најразлични категории и возрасти, да го искористат својот творечки дух и прогресивната мисла, градејќи напредок.

Достојни за внимание не еден, туку секој ден во годината, продолжете да бидете креатори на убавината и успешноста на современото општество.

Честит 8 Март“, порача градоначалникот Коњановски, во своето обраќање пред присутните.