ПЕТРОВСКА ЗА НОВИТЕ КООРДИНАТИВНИ АКТИВНОСТИ НА ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ

ПЕТРОВСКА ЗА НОВИТЕ КООРДИНАТИВНИ АКТИВНОСТИ НА ОПШТИНСКИОТ КРИЗЕН ШТАБ

Почитувани,

Опасноста од КОВИД -19 е реалност. И покрај низата преземени активности и мерки, координирани што од централно ниво, што на локално ниво, сведоци сме дека во државата бројката на заболени се зголемува и по проценките на стручните лица, допрва ќе го доживува пикот.

Во моментов, на ниво на општина имаме 229 лица со решенија, 41 лице со потпишана изјава, кои се во домашна изолација. Во двата државни карантини во нашата општина сместени се 146 лица. Целосната контрола за истите ја имаат полицијата и здравствените институции.

Јавните претпријатија со оперативни планови за периодот кој што следува, ги продолжуваат превентивните мерки во насока на ублажување на последиците. ЈП Комуналец и ЈКП Водовод, продолжуваат со интензивно чистење, миење и дезинфицирање на јавните површини и јавните објекти.

ЈП Пазари и КЈП Нискоградба се задолжени за дезинфекција на пазарите, одржување на дезинфекционите корита, а покрај досегашното дезинфицирање на возилата кои што имаа дотур на стока на пазарот, дополнително ќе се дезинфицираат сите возила на влез во градот. Кризниот штаб донесе одлука, дотурот на стока со возила кои што влегуваат во нашиот град да биде во претпладневните часови.

Црвениот крст,ќе ги распределува пакетите за семејствата на ранливите категории, за што како поддршка ќе ги има ангажираните лица на UNDP-SDC, кои досега работеа како едукатори на ромското население во Општина Битола. Доставувањето на пакетите се одвива во соработка со Центарот за социјални грижи и доставените списоци од нивна страна. Дополнително, како градоначалник побарав од невладините организации кои се обратија за поддршка на ваквите семејства, да достават нивна евиденција, по која петте асистенти од општината и лицата од Црвен крст, ќе ја извршат доставата на социјалната помош на терен.

Здравствените институции се целосно подготвени според сите протоколи и препораки од Министерството за здравство. Клиничка болница Битола од вчера е регионален центар. Во овој момент, вкупната бројка на кревети е 35, со можност да порасне до 100. Има и респираторни машини. Да се надеваме дека овој капацитет нема да биде искористен.

Центарот за јавно здравје ги презеде сите мерки, вклучително и дополнителна дезинфекција во старскиот дом дом Сју рајдер, по појавата на корона вирусот кај еден нивни штитеник.

Веќе имаме поригорозни мерки на движење, од среда полицискиот час ќе започне од 16.00 часот, со целосна забрана за движење за време на викендите. Затоа да бидеме дисциплинирани и солидно организирани во навремена набавка на најнеопходните намирници.

Бидејќи секоја мерка само амортизира, а не елиминира, Ве молам седете дома.