СЕКОЈ АМАНДМАН ОД СОВЕТНИЦИТЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИФАТЕН ДОКОЛКУ НЕ ЈА НАДМИНУВА БУЏЕТСКАТА РАМКА И НЕ ГО ЗАКОЧИ ВЧИТУВАЊЕТО НА БУЏЕТОТ

СЕКОЈ АМАНДМАН ОД СОВЕТНИЦИТЕ МОЖЕ ДА БИДЕ ПРИФАТЕН ДОКОЛКУ НЕ ЈА НАДМИНУВА БУЏЕТСКАТА РАМКА И НЕ ГО ЗАКОЧИ ВЧИТУВАЊЕТО НА БУЏЕТОТ

Интегрален текст од обраќањето на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, на седница на Совет за ребалансот на буџетот

Почитувана Претседателка на Советот на општина Битола, г-ѓа Габриела Илиевска

Почитувани советници,

Почитувани претставници на медиумите и гости,

Почитувани граѓани,

На денешната седница, нема да должам со моето обраќање, затоа што вчера, јавно, во детали, образложив што значи поддршката од Советот на овој ребаланс на буџетот.

Со усвојувањето на ребалансот, се дава можност за дореализација на започнатите инфраструктурни проекти, за реконструкцијата во Спортската сала „Боро Чурлевски“, како наша обврска после големиот успех на РК Пелистер Еурофарм, а истовремено се поддржуваат и останатите професионални спортски клубови, но и индивидуални спортисти, се помага реконструкцијата на планинарскиот дом Копанки, им се дава поддршка на граѓаните со ретки болести, се овозможува субвенционирање на сите апликанти кои имаат аплицирано за клима уреди, а се поддржува и изградбата на Студентскиот парк и Новиот парк во Нова Битола. Паралелно со наведените проекти, се овозможува непречено спроведување на постапката за решавање на проблемот со бездомните кучиња низ улиците. Проекти, кои се потреба на граѓаните, мој приоритет, а се надевам и Ваш, почитувани советници.

Затоа, сакам посебно да нагласам дека, ребалансот на буџетот, 20 дена пред денешната седница, во законскиот рок, беше доставен на разгледување до Вас. До денес, не стигна ниту еден предлог до мене како предлагач на ребалансот, за нови проекти, кои сакате да бидат планирани во програмите, а потоа и во буџетот. Знам дека денес, може да поднесете и 100 амандмани. Битола сеуште има многу проблеми за решавање. Но, граѓаните не смеат да бидат залажувани. Секој Ваш предлог ќе биде прифатен од моја страна, доколку: ТОЧНО НАВЕДЕТЕ КОЈ ПРОЕКТ ДА НЕ СЕ РЕАЛИЗИРА ЗА СМЕТКА НА ПРОЕКТОТ КОЈ ЌЕ ГО ПРЕДЛОЖИТЕ, ЗОШТО БУЏЕТСКАТА РАМКА НЕ СМЕЕ ДА БИДЕ НАДМИНАТА. ВО СПРОТИВНО, ЌЕ ИЗГЛАСАТЕ НЕЗАКОНСКИ БУЏЕТ КОЈ НЕМА ДА МОЖЕ ДА СЕ ОДОБРИ ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ФИНАНСИИ, А СО ТОА ЌЕ ЈА ЗАКОЧИТЕ ОПШТИНА БИТОЛА, ПО ПОВЕЌЕ ОСНОВИ. ДА НЕ СЕ ДОВЕДЕМЕ ДО СИТУАЦИЈА КАКО НЕКОИ ДРУГИ ОПШТИНИ, КАДЕ ИЗГЛАСАА БУЏЕТ КОЈ НЕ МОЖЕШЕ ДА БИДЕ ВЧИТАН. Нагласувам: буџетската рамка од 943.439.950 денари, мора да биде запазена и сите планирани средства да бидат во таа рамка.

Меѓу вас има искусни советници, кои многу ги почитувам. Го почитувам Вашето знаење и искуство и затоа барам, доколку денес произлезат некои предлози од Ваша страна, истовремено предложете што е она што не треба да се реализира, за сметка на вашиот предлог: дали средствата да бидат избришани од спорт, инфраструктура или животна средина? Од моја страна, ќе биде прифатен секој конструктивен предлог, со кој точно ќе дефинирате кој проект треба да го замени предложениот, без да се надминува одобрената буџетска рамка.

На крај, морам да нагласам дека, советниците кои ме обвинуваат дека сум ја пропуштил можноста за инклузивност на сите политички партии, ќе ги потсетам само дека уште од првиот ден, одржував состаноци со сите координатори на советнички групи, сите конструктивни и реално остварливи предлози беа прифаќани, а најнова потврда за тоа е и состанокот на кризниот штаб по поплавите каде сите бевте повикани, зошто проблемот на битолските улици не е година и пол, туку со децении. Затоа и мојот најголем приоритет е токму тој: реконструкција на што е можно повеќе патна инфратструктура.

И да потсетам на песната „Душа“ од почитуваниот писател и некогашен наш колега советник и заменик градоначалник. Жалам што некој се препознал во омразата, зависта, гневот, лошотилакот. Сеуште верувам дека сите тука сме со душа, зошто имаме љубов за Битола, желба за среќни сограѓани, а со нашата добрина, без лицемерие и политиканство, ќе направиме да биде реалност надежта на битолчани: Битола да биде поубаво место за живеење.

Останува на Вас, почитувани советници, дали сите заедно, натпартиски, ќе застанеме зад интересот на градот во кој живееме.