ТУТОРСКА НАСТАВА ЗА ДЕЦАТА РОМИ ВО РАМКИТЕ НА ПРОГРАМАТА РОМАКТЕД 2

ТУТОРСКА НАСТАВА ЗА ДЕЦАТА РОМИ ВО РАМКИТЕ НА ПРОГРАМАТА РОМАКТЕД 2

Во тек е спроведувањето на акцијата „Пост КОВИД – 19 мерки за превенција и опоравување во образованието за деца и возрасни“, финансирана во рамките на заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа, РОМАКТЕД Програмата фаза 2, за „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“.

По потпишаниот договор помеѓу Советот на Европа и општина Битола и објавениот јавен повик за ангажирање на тутори за поддршка на ученици Роми од 2,3 и 4 одделение во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, веќе втор месец се изведува туторска настава во ова училиште.

Акцијата има за цел да го унапреди квалитетот на образоване за децата Роми во основно образование, кои беа дел од наставата на далечина за време на пандемијата со КОВИД – 19 и се соочија со различни предизвици, од кои произлегоа значителни последици во однос на намалување на квалитетот на образование за учениците Роми.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски ги посети учениците кои следат  туторска настава во училиштето, беше запознат со предизвиците со кои се соочуваат учениците и туторите, како и за поволностите кои што се резултат на следењето на оваа дополнителна настава. Учениците и туторите го искажаа задоволството од активностите, кои во значителна мерка ќе го подобрат квалитетот на образованието на децата Роми.

Дополнителната образовна туторска поддршка се обезбедува по предметите македонски јазик, математика и англиски јазик. По добиените податоци од ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола, туторската поддршка ја добиваат околу 70 ученици, од страна на шест тутори и еден консултант, кои се ангажирани 7 месеци. Акцијата се изведува во два дела, од април до јуни и од септември до декември.

Во рамките на проектот набавени се материјали за учениците и туторите, кои им се  потребни за поквалитетно изведување на туторската настава.