ФИЛМОТ „МАНАКИ-ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ“ ЗА КРАЈ НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

ФИЛМОТ „МАНАКИ-ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ“ ЗА КРАЈ НА ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“

Со прогласувањето на најдобрите филмови и доделувањето на бронзената, сребрената и златната Камера 300, заврши јубилејното 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. На свеченото затворање на фестивалот, се обрати градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска.

„Видовме како 40 години умееме да танцуваме со светлината, да им говориме на ѕвездите, да ги допираме облаците и да уживаме во она што како зрак го фатил објективот. Така поминаа и овие фестивалски денови, во тој дух, во кој што покажавме дека никогаш не можете да говорите за одумирање, ако ја имате во предвид моќта на здивот на животот. Ви посакувам добро здравје, да имаме следни вакви 40 години во кои што ќе всадиме нешто ново во иднината.Особено ми е драго што вечерва се затвора фестивалот со проекција за браќата Манаки, поради кои го имаме ова денес“, рече Петровска.

„Златната камера 300“ отиде во рацете на кинематограферката Хелен Лувар за филмот „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“, кинематограферот Џинсонг Донг доби „Сребрена камера 300“ за филмот „Езеро на дивите гуски“, а Даниеле Ципри е добитник на „Бронзена камера 300“ за филмот „Пирани“.

На еден од најдобрите и најважните кинематографери во Европа Јоргос Арванитис му беше доделена награда за животно дело „Златна камера 300“. Наградата му ја врачи директорката на фестивалот Гена Теодосиевска, која во своето обраќање им се заблагодари на целиот тим и сите кои помогнаа, овој фестивал гостите да го почувствуваат за свој.

На свеченото затворање на фестивалот беше прикажан филмот „Манаки-приказна во слики“ на Роберт Јанкуловски. Филмот ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки и нивното големо творештво. Филмот се базира на оригинални документарни фотографии следејќи ја работата и животот на браќата Манаки, како и сведочења на нивни познаници.