ЦАРОВСКА И ПЕТРОВСКА ЗА ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО УЧИЛИШНИТЕ ОБЈЕКТИ

ЦАРОВСКА И ПЕТРОВСКА ЗА ИНВЕСТИЦИИТЕ ВО УЧИЛИШНИТЕ ОБЈЕКТИ

Министерката за образование и наука Мила Царовска и градоначалничката Наташа Петровска денес го посетија основното училиште „Елпида Караманди“ во Битола каде што со замена на прозорите кои беа стари 40 години е подобрена енергетската ефикасност на објектот.

“МОН инвестираше 3,4 милиони денари во ова училиште. Но, освен во Битола се работи на подобрување на условите и на училиштата и во цела држава. Продолжуваме да инвестираме, бидејќи за квалитетно образование, неопходни се вложувања во инфраструктурата и опремата во училиштата, исто како што се потребни и добри, квалитетни и современи наставни програми, но и обучен и квалитетен наставен кадар. Како Влада и како Министерството интензивно и посветено работиме на сите три сегменти и во овие заложби не сме сами – градоначалниците целосно се вклучени во подготовките за успешен почеток и имплементација на образованите реформи”, рече Царовска.

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска информираше дека општината ќе инвестира 21 милион денари за инфраструктурни зафати за основните училишта во градот, од вишокот средства од сметката за блок дотации. Исто така и општинските училишта, сопствените средства обезбедени од донации, ќе ги вложат во одредени инфраструктурни зафати.

„Веќе подолго време во Општина Битола не зборуваме за долгови. Подоллго време зборуваме за инвестиции кои што се суштински значајни за нашите најмили. Во ова училиште само општината има вложено над 3,3 милиони денари по низа зафати, во делот на менување на дограмата, целосно ги средивме санитарните јазли, делот на соблекувалните кај спортската сала, односно овозможивме заедно со нашите партнери да направиме сериозно поместување во просторните можности во образовните институции, но и повеќе од тоа, обезбедување на нагледни средства. Сето ова е суштински значајно за да обезбедиме квалитетен воспитно-образовен процес, кој што и тоа како ни требабијдеќи образованието е најважниот столб во било кое општество и било која држава“, истакна Петровска.

И МОН постојано ги зголемува средствата за капитални инвестиции, а оваа година за инфраструктурни зафати се обезбедени околу 1 милијарда денари што е за два и пол пати повеќе во споредба со минатата година.