ИНФРАСТРУКТУРНИ ЗАФАТИ ЗА ПОГОЛЕМ РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ И ПОЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ВО ПОТПЕЛИСТЕРИЕТО

ИНФРАСТРУКТУРНИ ЗАФАТИ ЗА ПОГОЛЕМ РАЗВОЈ НА ТУРИЗМОТ И ПОЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА ВО ПОТПЕЛИСТЕРИЕТО

Чекор по чекор, со темелен пристап, инфраструктурно  се уредува еден од најпосетените делови на потпелистерието од страна на домашните и странските туристи, регионот на селата Трново и Магарево.

По завршувањето на проектната документација, веќе е издадена градежна дозвола за реконструкција на патот од клучката кај Црвени Петли до трафостаницата во селото Трново во вредност од 26.000.000 денари.

За отпадните води од Хотелот Молика, се изработува техничка документација за уште една мала пречистителна станица со колекторски систем.

На овој начин, системски, се решаваат со години наталожените проблеми во потпелистерието.  Со подобрување на целосната слика за квалитетна животна средина за локалното население, за туристите, како и за голем број битолчани, расте и можноста овој дел од Пелистер да стане многу подобра туристичка дестинација.

Општина Битола, во вредност од над 21.800.000 денари, во должина од над 2 километри, го изработи колекторскиот систем, преку кој ќе се собираат отпадните води од домаќинствата и туристичките објекти од селото Трново. Овој колекторски систем, понатаму, во различни краци, ќе се шири и кон оснанатите делови од селото Трново и Магарево. За овој дел, пречистителната станица е веќе направена, со средства од ЕУ, преку УНДП, во висина од над 9.000.000 денари.

Новинарска екипа, која работи на подготовка на видео материјал за реализираните проекти финансирани преку УНДП, сними изјави со градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, за значењето на оваа пречистителна станица.

„Ова е исклучително значаен проект, бидејќи години наназад Пелистер е привлечен како туристичка атракција, но сите кои што доаѓаат сакаат да имаат и соодветна инфраструктура како дополнителна компонента во квалитетот на развојот на туризмот. Водите на Пелистер кои во минатото беа чисти за пиење, преку неодговорното однесување со тек на времето веќе не можат да се користат. Водата е еден од најзначајните ресурси, сочувувањето на чистата вода и незагадувањето на почвата се многу значајни, а со овој проект тоа и се постигнува“, посочи Петровска.