БИТОЛА И БОН СО ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТИ ЗА НОВИ ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ

БИТОЛА И БОН СО ЗАЕДНИЧКИ ПРОЕКТИ ЗА НОВИ ЗЕЛЕНИ ПОВРШИНИ

Делегација од Општина Бон ја посети Општина Битола, со цел да се реализира заедничка соработка помеѓу двата града. Гостите од Бон, кои во најголоем дел беа претставници од тамошното одделение за зелени површини, имаа работна средба со директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски, а претставниците од културата имаа работни средби со директорите на Народниот театар Иван Јерчиќ и на НУУБ „Св. Климент Охридски“ Бојан Стефановски. Делегацијата, по работните средби на терен, ја посети Општина Битола.

„Имавме можност за размена на работни искуства и можност за да развиеме понатамошна соработка меѓу двата града. Ова е само почеток на следните активности. Кога германскиот амбасадор ја посети Општина Битола, една од идеите беше дека не само Скопје, туку и Битола заслужува да има соработка со некоја општина од Република Германија и ете таа иницијатива се спроведува за неполна година“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Како резултат од оваа соработка во иднина се очекува засадување на дендро парк во Битола.

„Дендро паркот би бил дел од Градскот парк, во кој ќе се засадат дрвја што се успешни во реоните на Бон и Битола. Сето тоа би било пропратено со таблички и објаснувања за растенијата. Дури и локацијата е утврдена каде би бил лоциран во Градскиот парк. Гостите  најмногу се интересираа за зелените површини во градот, за хортикултурното уредување. Ќе детализираме и можни правци за соработка во делот на уредување на зелени површини во Битола.”, истакна директорот на ЈП „Комуналец“ Панде Богоевски.

Гостите од Германија беа позитивно изненадени од одржувањето и чистотата на јавните зелени површини во Битола.

„Многу позитивно сме изненадени за негуваните зелени површини во Битола, парковите, се е добро одржувано. Би сакале да размислиме за заеднички проекти од областа на игралиштата за деца, зелени површини, паркови, посета на битолска делегација во Бон, посебно за размена на искуства со Секторот за зелени површини. Треба да се види кои растенија успеваат во Битола и Бон, за тоа да се консултураат стручни служби. Промената на климата не тера да размисуваме за зеленило кое е поотпорно на повисоки температури“, рече Анке Калерт, одговорна во Секторот за зелени површини во Бон.

Иницијативата за оваа соработка потекна од посетата на германскиот амбасадор на Битола, во рамките на одбележувањето на 100 годишнината од крајот на Првата светска војна и контактите со д-р Валентина Илиева, претседател на Здружението за македонско-германско пријателство и соработка Битола.

По посетата на кабинетот на градоначалничката Петровска, делегациите се упатија кон детските игралишта во градот, Германските гробишта, Тумбе Кафе и античкиот локалитет Хераклеа Линкестис.