ВО БИТОЛА ПРОМОВИРАНА МЕРКАТА „ПОВРАТ НА 15 ОТСТО ОД ПРЕСМЕТАНИОТ ДДВ”

ВО БИТОЛА ПРОМОВИРАНА МЕРКАТА „ПОВРАТ НА 15 ОТСТО ОД ПРЕСМЕТАНИОТ ДДВ”

Кампањата „Мој ДДВ“ на Управата за јавни приходи и Владата на Република Северна Македонија, имаше своја промоција во Битола. Градоначалничката Наташа Петровска, заедно со министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заеднички пазаруваа и се вклучија во оваа акција, а потоа и го скенираа кодот од фискалните сметки, со цел да се промовира заложбата на Владата за повраток на средствата кај граѓаните.

„На Широк Сокак промовираме една од мерките на Владата, 15% поврат од ДДВ. Ова е прекрасна мерка која што им овозможува на граѓаните да имаат директен поврат на средствата од ДДВ, кој што ќе завршуваат директно во нивните џебови. Оваа мерка е нешто што Владата го вети, што е реализирани и што потврдува дека зборот е збор“, истакна градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски посочи дека до денес, согласно податоците добиени од УЈП, евидентирани се над 5,5 милиони фискални сметки. Тој ја посочи и придобивката за земјата во однос на сивата економија.

„Со оваа мерка остварен е прилив во Буџетот нешто повеќе од три милијарди денари, а поврат граѓаните ќе имаат над 50 милиони денари. Значи, над 800 илјади евра веќе ќе се слеат на сметките на граѓаните. Тоа не е мала сума. Граѓаните двојно ги зголемија пријавите за неиздавање на фискални сметки, затоа што се зголеми интересот да се бараат сметките и на тој начин се сузбиваат сите диви плаќања што се одвивале и се повеќе влегуваме во реалната економија со што ги зголемуваме средствата во Буџетот. Сепак на крајот има инвестиција за граѓаните, дали директно преку државниот Буџет, дали преку локалните буџети од локалните самоуправи, бидејќи бенефит од ова ќе има како државата, така и општините, а сето тоа на крајот завршува кај граѓаните“, рече министерот Милевски.

Управата за јавни приходи, на промотивниот штанд преку свои претставници, ги информираше граѓаните за мерката за поврат на средствата преку скенирањето на фискалните сметки, за начинот на скенирање, или пак можноста да ги пријават сите недостатоци во подрачната единица на УЈП во Битола.