ДОГОВОРОТ ОД ТАВ ПРОГРАМАТА ЗА ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ДОДЕЛЕН НА ОПШТИНА БИТОЛА

ДОГОВОРОТ ОД ТАВ ПРОГРАМАТА ЗА ИНФРАСТРУКТУРНИ ПРОЕКТИ ДОДЕЛЕН НА ОПШТИНА БИТОЛА

На градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска денес и беше доделен договорот од Тав програмата за инфраструктурни проекти, од страна на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, во рамките на денешните доделувања на договори на 32 општини во државата, за инфраструктурни проекти.

Општина Битола изработи проектна документација за мост на реката Драгор на влезот кај Довлеџик, во должина од 30 метри и ширина од 21 метар. Мостот ќе има 4 коловозни ленти, 2 пешачки патеки  и 2 велосипедски патеки. Инвестицијата е 50.150.000 денари, а општината за проектната документација и ревизијата на проектот обезбеди 1.235.460 денари.

„Задоволен сум од соработката со ТАВ Македонија и сите општини кои аплицираа за договорите, а плод на ова трипартитно партнерство се вкупно 94 инфраструктурни проекти кои се директно насочени кон секојдневните реални потреби на граѓаните во вредност од 49,7 милиони евра што во наредниот период ќе се реализираат во 75 општини низ  целата земја“, рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи на доделувањето на третата последна група договори од ТАВ програмата за инфраструктурни проекти.

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак нагласи дека денеска се  потпишуваат договорите за 35 проекти во вредност од 22,3 милиони евра, што е трет дел од вкупно 49,7 милиони евра што се пренаменети наместо да се изгради карго-аеродром во Штип.