Деновиве во полн ек е изведбата на инфраструктурните зафати на улиците и тротоарите во населбите АРМ1 и АРМ2. Во АРМ 1 се работи на доуредување на веќе изградените улици, а во АРМ2 интензивно се асфалтира и се поставуваат ивичници и тротоари. Паралелно се доработуваат детали од каналската мрежа.
Во АРМ 2 се врши асфалтирање на СТУ 9 (стамбена улица 9) и СТУ 10 (стамбена улица 10). Паралелно се работи на СРУ 4 (сервисна улица 4), како и на СТУ 7 и СТУ 12, каде се врши поставување на ивичници, се прават тротоари и се поставува улично осветлување.
Во АРМ 1 се поставуваат тротоари и коловозни конструкции на улиците СТУ2, СРУ 6 и СТУ 5, а се поставува и уличното осветлување.
Предвидено е инфраструктурните активности да траат до крајот на овој месец, по што ќе следува технички преглед за отстранување на евентуални недостатоци.
Со интензивната работа во поранешната касарна, локалната самоуправа го решава долгогодишниот проблем на инвеститорите од овој дел на градот, кои и покрај платените средства за комунални услуги, со години немаа можност да ја добијат соодветната инфраструктура.
Вкупната вредност на инвестицијата за реализација на комплетна инфраструктура на 14 улици во АРМ 1 и АРМ 2 изнесува 155.000.000,00 денари.
Со договорот за кредитот за комплетна изградба на инфраструктурата во поранешната касарна и анексот на договорот, во АРМ1 и АРМ2 се обезбедува водоводна мрежа, атмосферска и фекална канализација, улично осветлување и асфалтирање на улиците. Овој комплекс е прв во кој што за идните инвеститори на градби веќе е обезбедена комплетна инфратруктура.