ЗАСАДЕНИ ДРВЦА ЗА НЕЗАБОРАВ ВО БИТОЛА И ВО ИЗРАЕЛСКИОТ ГРАД КИРЈАТ ОНО

ЗАСАДЕНИ ДРВЦА ЗА НЕЗАБОРАВ ВО БИТОЛА И ВО ИЗРАЕЛСКИОТ ГРАД КИРЈАТ ОНО

„Кога не можеме заедно да го одбележиме денешниот 11 март, ништо не нè спречува тоа да го направиме и на далечина, во исто време, со засадувањето на дрвја, преку кои испраќаме порака дека тие се симбол на она што останува живо сè уште во нас, а тоа е големата желба да направиме нешто повеќе заедно во иднина“, порача градоначалничката Наташа Петровска, пред присутните во градот Кирјат Оно во Израел, на заедничката манифестација, на која, покрај обраќањата, во исто време како и во Битола, се засадуваа дрвја.

Преку платформата zoom, по повод 11 март, денот на депортацијата на Евреите од земјава, се одржа настан на кој во градот Кирјат Оно во Израел, свои пораки на сеќавање за жртвите, како и пораки за мир испратија градоначалникот на овој град Исраел Гал, израелскиот амбасадор Дан Оријан, Александар Аврамовски од македонската амбасада во Израел и д-р Шели Леви Друмер.

По испраќањето на пораките, заеднички во исто време, беа засадени дрвја во Битола и во Кирјат Оно. Во Битола, засадувањето се реализираше во дворот на Здравствениот дом „Д-р Хаим Абраванел“, а покрај градоначалничката Петровска, дрвца засадија директорката на здравствениот дом Весна Спирковска и директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.