КАКО ДО НАМАЛУВАЊЕ НА БУЧАВАТА?

КАКО ДО НАМАЛУВАЊЕ НА БУЧАВАТА?

Tехничкиот факултет од Битола и Институтот за комуникациски студии – Скопје, денеска презентираа мерки за редукција и контрола на бучавата предизвикна од патниот сообраќај во Скопје и во Битола. Презентацијата е дел од кампањата за подобра животна средина Не игнорирај! Реагирај!, а преку неа беа претставени резултатите од извршените испитувања, кои во Битола се реализираа на три локации. Зголемувањето на бучавата над дозволениот максимум предизвикува штети врз квалитетот на урбаниот живот, а токму во таа насока денешната презентација имаше за цел да понуди мерки кои ќе влијаат на подобрување на состојбите.

На презентацијата учествуваа претставници од општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и претставници од Општина Битола, кои работат во областа животна средина.

Според светската здравствена организација, бучавата од сообраќајот е втор најголем проблем во животната средина во Европската Унија, по загадувањето на воздухот.

Како една од мерките за намалување на бучавата на улиците, преку намалување на брзината на автомобилите, денес беше предложена и мерката за изведба на паметни пешачки премини, односно преку интервенција на пешачкиот премин со светлосни уреди кои работат на сензори. На тој начин, возачите ќе ја намалуваат брзината, а се заштитуваат и пешаците.

На презентацијата, свое обраќање имаше и градоначалничката на Општина Битола, м-р Наташа Петровска, која побара од сообраќајниот отсек, при техничкиот факултет, да дадат иницијативи со предлог мерки за измена на законите и правилниците кои ја третираат оваа проблематика, со цел најефикасно решавање на овој проблем во вака затекнатите услови, односно согласно моменталната фреквентност на улиците.