МЕРКАТА „ЗЕЛЕНА НАФТА“ ПРОМОВИРАНА ВО БИТОЛСКО КРАВАРИ

МЕРКАТА „ЗЕЛЕНА НАФТА“ ПРОМОВИРАНА ВО БИТОЛСКО КРАВАРИ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, придружуван од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николчо Бабовски, во село Кравари, Битолско ги доделија првите персонализирани платежни картички за набавка на ,,Еуродизел” гориво за земјоделска механизација. Со  мерката „Зелена нафта“ државата субвенционира 30 проценти од трошокот за гориво, со цел да се поттикнат и да им се помогне на земјоделските производители да го окрупнат своето производство. На доделувањето на платежните картиќки присуствуваше и градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска.

„Денеска од најголемата житница во нашата земја, од Пелагонија, го промовираме почетокот на мерката за поевтино гориво за земјоделската механизација. За мерката од Програмата за директни плаќања обезбедивме 200 милиони денари, толку пари ќе се вратат назад кај земјоделците. Со оваа мерка ќе бидат опфатени 55.000 земјоделци, кои имаат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади”, истакна премиерот Заев при доделувањето на картичките.

Министерот Димковски информираше дека освен земјоделците од Подрачната единица на Битола своите персонализирани платежни картички ќе може да ги подигнат и сите земјоделски стопанства кои спаѓаат во подрачните единици на ресорното Министерство во Битола, Прилеп, Кривогаштани, Штип, Свети Николе.

Бабовски објасни дека доколку износите од решението и картичката не се исти, корисникот треба да изврши пријава во подрачната единица на Министерството од каде што ја подигнал истата, а ја објасни и процедурата за плаќањето на горивото со картичката, која може да се користи само од лицето чие име е наведено.