НОВ ТУРИСТИЧКИ ПРОЕКТ ЗА ПОВРЗУВАЊЕ НА ПЕЛАГОНИЈА СО СОСЕДНА ГРЦИЈА

НОВ ТУРИСТИЧКИ ПРОЕКТ ЗА ПОВРЗУВАЊЕ НА ПЕЛАГОНИЈА СО СОСЕДНА ГРЦИЈА

Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, која е и претседател на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион, присуствуваше на промоцијата на новиот проект кој ќе треба да овозможи развој на регионалниот туризам со соседна Република Грција.

„Овој проект треба да биде пример како во иднина треба да соработуваат сите страни во регионот, во насока на развој на туризмот. Пелагонија има многу потенцијали, почнувајќи од Хераклеа, Националниот парк Пелистер и многу други, кои биле и можат уште повеќе да бидат интересни за туристите од регионот и светот“, потенцираше градоначалничката Петровска.

Носител на проектните активности е Центарот за развој на пелагонискиот плански регион од Битола, а во имплементацијата на проектот ќе учествуваат по двајца партнери од Пелагонискиот регион и од Грција, националните паркови „Пелистер“ и „Преспа“ од Грција, Факултетот за туризам и угостителство-Охрид и Факултет за бизнис и администрација-Солун,

Проектот е поддржан од Министерството за локална самоуправа, а заменик министерот за локална самоуправа Дејан Павлески истакна дека овој проект значи промоција за развој на туризмот во Пелагонискиот регион и регионите на Лерин и Солун во соседна Грција.

„Преку ИПА компонентата ќе биде финансирано и отворањето на граничниот премин „Маркова нога“ во Преспа, а ние како министерство работиме што повеќе да ги искористиме овие можности што ги нуди ЕУ преку пограничните програми“, рече Павлески.

„Преку овој проект ќе го промовираме регионот Битола-Лерин-Солун, ќе се мапираат постоечките туристички потенцијали и производи, кои потоа ќе се промовираат пред меѓународни тур-оператори и медиуми, за да се учествува на меѓународни саеми“, објасни Гого Видимче, раководител на ЦРППР-Битола.

По мапирањето на потенцијалните атрактивни туристички места, на тур- операторите ќе им биде достапна можноста да го понудат овој регион како потенцијална туристичка погранична дестинација.