Во организација на битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“, во културниот центар „Магаза“ во Битола, се одржа завршен настан на нутриционистичко здравствената кампања на Здружението „Нутри зона“, збогатен и со едукативна работилница за најмладите. Организатор на активностите кои се реализираат како дел од нутриционистичко здравствената едукација е Здружението „Нутри зона“. „Живееме во време кога многу ни е важен надворешниот изглед, најпрво за самите да си се допаднеме себеси, а потоа и за да оставиме добар впечаток во комуникацијата со другите. Обземени од таа желба за убаво тело, здрава кожа, нокти и слично, а со помош и на технологијата од каде сѐ е достапно, луѓето често се решаваат да прифатат одреден режим на исхрана со кој ќе ја постигнат саканата цел. Здравата исхрана е тренд кај одредена популација, но факт е и дека голем број на луѓе сеуште многу неправилно се хранат. На оние кои внимаваат, најчесо целта им е подобрување на надворешниот изглед или подобра здравствена состојба, а наша цел и задача е подигнување на свеста на цела популација за важноста од здравата исхрана, со што би се превенирале болести и би се намалила зачестеноста на хронични незаразни заболувања, како што се кардиоваскуларните заболувања и дијабетот. Достапни се разни начини на исхрана, диети и слично, што можеби доведува и до забуна за тоа што е правилно, која е правилна и здрава исхрана“, изјави Билјана Марковска, дипломиран нутриционист, претседател на Здружението „Нутри зона“, која во својата презентација главен акцент стави на здравата и балансирана исхрана. На настанот на тема ,,Состав и нутритивни својства на водата“, говореше Професор Валентина Павлова, а за ,,Значењето и придобивките од водата“Професор Тaтјана Блажевска, професорки од технолошко – техничкиот факултет, отсек за нутриционизам. „Нашиот став за здравата исхрана е дека таа треба да биде разновидна, балансирана и умерена. Физичката активност заедно со внесот на доволно количество вода, имаат исто толку важно место како правилната исхрана. Спортувањето, или интензивното пешачење од најмалку 30 минути дневно со брзина од 7 км/час (како кога доцниме некаде) значително ја подобруваат здравствената состојба, но и расположението. И секако, водата е она што не смееме да го изоставиме. Осум чаши вода е количината која секој треба да ја испие во текот на денот, а за време на зголемена физичка активност и повеќе. Со тоа се овозможува правилна функција на телото. Започнете со позитивни промени веднаш, зашто храната може да биде најсилен лек или слаб и бавен отров. Сами решаваме што ќе избереме“, порача Марковска на вчерашната трибина на БИТ ФЕСТ. На настанот беше овозможено и мерење и одредување на сите важни параметри кои ја отсликуваат состојбата на организмот, која е особено важна за активно и продуктивно делување во сите сфери на општественото живеење.
