ХЕРАКЛЕА ПРЕТЕСНА ЗА ШЕРБЕТ ЉУБОЈНА И ИСМАИЛ ЛУМАНОВСКИ

ХЕРАКЛЕА ПРЕТЕСНА ЗА ШЕРБЕТ ЉУБОЈНА И ИСМАИЛ ЛУМАНОВСКИ

Со громогласен аплауз и преполна Хераклеа, со концертот на Шербет Љубојна и виртуозот на кларинет Исмаил Лумановски се затвори 45-от Републички фестивал на  народни песни и игри ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ.
Врвно доживување со светски реномирани музички уметници и илузија на волшебство предизвикана од секој прозиведен звук на инструментите во хармонија со прекрасниот вокал на Верче, синоќа, Хераклеа беше претесна за убавата изворна музика во симбиоза на современа, класична, популарна и екпериментална форма.
Битолската етно група „Љубојна“ заедно со виртуозот на кларинет, Исмаил Лумановски, на битолската публика и многубројните туристи во преполната Хераклеа им приредија вистинско двочасовно музичко  уживање со зборот на песната и музиката низ звуците на традицијата, чалгијата и класиката.
Како чувар на македонската култура со песна и музика „Љубојна“ долги години работи на проекти што ги негуваат македонските вредности ширум светот со нивни многубројни настапи, концерти и театарски дела. Во својата тринаесетгодишна кариера зад себе има оставено  неколку албуми, почнувајќи од „П.С.О.“ (2005), музика за  театарската претстава „Парите се отепувачка“ според драмата на Ристо Крле, албумот снимен во живо „Macedonia fresh“ (2008) со чалгиска музика, како и албумот „Песна за мојата песна“ (2009), кој е направен според истоимената поема на Петре М. Андреевски.
Петтиот албум „Ljubojna Brass Fantasy“ (2012) е нивно големо музичко достигнување, снимен со голем лимен дувачки оркестар и претставува оживување на беломорската музика од егејскиот дел на Македонија.
Членови на групата се основачот Оливер Јосифовски (композитор и контрабасист), Вера Милошевска (вокал), Петар Христов (кларинет), Илија Јанчев (виолина), Бојан Петков (бас), Мите Наумовски (дајре) и Најдо Шакиров (тапани). Зад нив се крие богато музичко искуство и вештина предадена од мајстори на овој занает, кај некои од нив уште од најрани години како потомци на познати чалгаџии.
Убавината на магијата на музиката со звуците на кларинетот ја долови биолчанецот, Исмаил Лумановски, кој повеќе години живее и работи во Америка.
Фестивалот ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ беше дел од програмата на најсодржајното и најдолго културно лето БИТ ФЕСТ 2015.

BF2015_Ljubojna_1 BF2015_Ljubojna_2 BF2015_Ljubojna_3 BF2015_Ljubojna_4 BF2015_Ljubojna_5 BF2015_Ljubojna_6 BF2015_Ljubojna_7 BF2015_Ljubojna_8 BF2015_Ljubojna_9 BF2015_Ljubojna_10 BF2015_Ljubojna_11 BF2015_Ljubojna_12 BF2015_Ljubojna_13