Со полагање цвеќе пред споменикот на Илинден во храмот на црквата Св. Недела во Битола, започна чествувањето на големиот македонски празник Илинден. Претставници од Советот на Општина Битола положија цвеќе во име на градоначалникот Наташа Петровска, која денес присуствуваше на свечената церемонија во Крушево. Цвеќе положија и претставници од Советот на Општина Битола и политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Кај споменикот на двата илиндена пред Центарот за култура, во чест на големиот и светол празник Илинден, во име на градоначалничката Петровска и Општина Битола, делегација од Советот, предводена од советничката Виолета Дракалска, положи свежо цвеќе. Во чест на празникот и жртвите кои ги положија животите за денешната слободна Македонија, со свежо цвеќе почест им оддадоа и делегациите од Советот на Општина Битола, Општинската организација на Сојузот на борци Битола, како и политичките партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
„Денес на Илинден, голем празник од двојно историско, општествено-политичко, но и исконско-верско значење за државата, во име на градоначалникот на Општина Битола г-ѓа Наташа Петровска, во име на Општна и во мое име како советник во Советот на Општина Битола, Ви го честитам Илинден. 2 август бил и ќе биде темел и потврда за историскиот континуитет во борбата на македонскиот народ за своја држава и тоа секогаш, без исклучок, како држава на сите народи кои живеат овде, а денес силно промовирана како едно општество за сите. Денес го одбележуваме Илинденското востание од 1903 кога се прогласи Крушевската Република, го одбележуваме Првото заседание на АСНОМ 1944, кога се поставија темелите на државноста на републиката. На овој ден Битола и Битолчани се особено горди на одбележувањето на 77 годишнината од првата борбена акција на Битолско-Преспанскиот партизански одред „Даме Груев“, во регионот на Смилево. Се ова е причина овогодинешното мото на манифестацијата на национално ниво да гласи „Сите сме деца на Илинден“. Поради големината на денот, Ви го честитам празникот со желба во ова време на ниска општествено-политичка култура да се присетиме на мислите за кои животот го посветиле Даме, Питу, Ченто…Нека ни е честит и вечен Илинден“, рече советничката Татјана Крнчева.
Пред присутните се обрати и претседателот на Општинската организација на Сојузот на борци од Битола, Александар Трајковски, осврнувајќи се на историските аспекти на двата Илиндена.