БИТ ФЕСТ 2015 – ВО ЗНАКОТ НА НАЈСТАРИОТ БИТОЛСКИ ФЕСТИВАЛ ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ

БИТ ФЕСТ 2015 – ВО ЗНАКОТ НА НАЈСТАРИОТ БИТОЛСКИ ФЕСТИВАЛ ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ

Финале на „Битола Шекспир фестивал“ старт на Илинденски денови. 45 години постоење на Илинденски денови годинава во знакот на над 1000 фолклористи, настапуваат 30 фолклорни групи од Македонија, Србија, Хрватска, Полска, Романија, Австралија. Јубилејното фестивалско издание годинава особено богато со придружни манифестации, семинари и работилници.Илинденски деновио е член на светската фестивалска мрежа CIOFF, а годинава, покрај традиционалната музика и игра, вниманието ќе биде посветено и на староградската. За финале на Илинденски денови е резервирана чалгиската музика на Љубојна и Исмаил Љумановски, „Шербет Љубојна“, на први август во одличниот амбиент на Хераклеја.
Вечерва со гостувањето на Драмскиот Театар „Рачо Стојанов“ од Габрово, Република Бугарија, со Шекспировата „РОМЕО И ЈУЛИЈА“, наградена со „Аскеер“ -2014 за најдобра претстава, во режија на Петринел Гочев, сценографија и костими  на Јулијана Војкова – Најман („Аскеер“-2014), завршува третиот интернационален „Битола Шекспир фестивал“. Прецизно режисерот Гочев за претставата вели „Приказна што прераскажува за секого од нас, секој што имал шеснаесет  – тоа е тајната на Ромео и Јулија“. Во неговата режисерска експликација уште стои: „Приказна за Ромео – за момчето  со луда љубов, со луда крв и брз замав на сечилото. Приказна за она девојче- за онаа Јулија којашто со непобедлива решителност ги урива сите препреки што ѝ го запираат стрмниот поток на љубовта. За Ромео да се удави во нејзината љубов, за Јулија да се удави во неговата. Какви се сите секојдневни драми, драмите за суштествувањето, за постоењето, за зависта, какви се оние за мирот? Какви се сите забрани и сите слободи во различните држави и кралства? Какви се сите надежи и сите стравови? Каква е смртта пред љубовта на едно момче и едно девојче? Чад, сенки, воздишки … кога се давам во љубовта на мојата Јулија, на таа толку чудна возраст – шеснаесет години и ни секунда повеќе. И ако ја пронајдам мојата Јулија на некој бал, на некоја улица или во дното на некој темен ходник како мафта победоносно со своето коњско опавче и тајно си игра со куклите… и … ако ја пронајдам таа моја Јулија, кој е тој што може да ме спречи и кој би се обидел да ме одврати да се втурнам во љубовта и да го занемарам останатиот изолиран свет“.

BF2015_28_07_1 BF2015_28_07_2