БИТ ФЕСТ 2015 – 45 ГОДИНИ ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ

БИТ ФЕСТ 2015 – 45 ГОДИНИ ИЛИНДЕНСКИ ДЕНОВИ

НУ Центар за култура – Битола со посебна програма и атрактивни содржини ќе го одбележи јубилејот 45 години на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“, еден од најстарите и најпознати битолски фетсивали. На денешната предфестивалска прес-конференција, директорот на НУ Центар за култура – Битола, Борче Димитровски соопшти дека најстариот фестивал во градот, годинава е подигнат на уште повисоко ниво и ќе се реализира во пет програмски дена на кои од утре до 1 август ќе се претстават околу 1000 учесници, фолклористи и културни работници од државата и странство. „Пред нас се богати фестивалски денови, вистински континуитет на  четириесет и пет годишна традиција на фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“. Очекуваме многу гости кои ќе следат квалитетна програма во која ќе бидат презентирани песната, играта и обичаите од Македонија, бидејќи овој фествал е чувар на македонската традиција, но исто така ќе се види и дел од светското културно наследство кое ќе го презентираат гостите од странство“ – посочи Димитровски.
Фестивалот почнува утре со отворање изложба на детски творби по повод јубилејот 40 години на државната изложба „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, а свечено ќе биде отворен на 29 јули со традиционалното оро „Комитско“ кое КУД „Илинден“- Битола ќе го изведе на летната сцена на ракометното игралиште. Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ се одржува под покровителство на Собранието на Република Македонија и со поддршка на Министерството за култура и општина Битола, во рамките на БИТ ФЕСТ 2015.
Утревечер се спушта завесата на третиот интернационален „Битола Шекспир фестивал“, со гостувањето на Драмскиот Театар „Рачо Стојанов“ од Габрово, Република Бугарија, со Шекспировата „РОМЕО И ЈУЛИЈА“, наградена со „Аскеер“ -2014 за најдобра претстава, во режија на Петринел Гочев, сценографија и костими  на Јулијана Војкова – Најман („Аскеер“-2014). Прецизно режисерот Гочев за претставата вели „Приказна што прераскажува за секого од нас, секој што имал шеснаесет  – тоа е тајната на Ромео и Јулија“. Во неговата режисерска експликација уште стои: „Приказна за Ромео – за момчето  со луда љубов, со луда крв и брз замав на сечилото. Приказна за она девојче- за онаа Јулија којашто со непобедлива решителност ги урива сите препреки што ѝ го запираат стрмниот поток на љубовта. За Ромео да се удави во нејзината љубов, за Јулија да се удави во неговата. Какви се сите секојдневни драми, драмите за суштествувањето, за постоењето, за зависта, какви се оние за мирот? Какви се сите забрани и сите слободи во различните држави и кралства? Какви се сите надежи и сите стравови? Каква е смртта пред љубовта на едно момче и едно девојче? Чад, сенки ,воздишки…кога се давам во љубовта на мојата Јулија, на таа толку чудна возраст – шеснаесет години и ни секунда повеќе. И ако ја пронајдам мојата Јулија на некој бал, на некоја улица или во дното на некој темен ходник како мафта победоносно со своето коњско опавче и тајно си игра со куклите… и … ако ја пронајдам таа моја Јулија, кој е тој што може да ме спречи и кој би се обидел да ме одврати да се втурнам во љубовта и да го занемарам останатиот изолиран свет“.

BF2015_27_07_1 BF2015_27_07_2 BF2015_27_07_3 BF2015_27_07_4 BF2015_27_07_5 BF2015_27_07_6