ЗАПОЧНУВА КУЛТУРНА И ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ БИТОЛА И БАЊА ЛУКА

ЗАПОЧНУВА КУЛТУРНА И ЕКОНОМСКА СОРАБОТКА ПОМЕЃУ БИТОЛА И БАЊА ЛУКА

Членот на претседателството на Босна и Херцеговина, заедно со амбасадорот на БиХ во Република Македонија и почесниот конзул во Битола, денес остварија работна посета на општина Битола. На средбата беше договорена идната соработка помеѓу Битола и Бања Лука која предвидено е да се одвива во сите сфери на општественото живеење:
„Мило ми е што денес имав можност да одржам предавање на Универзитетот „Свети Климент Охридски“ и што сум во Битола, град кој што од пред 70 години имал добра соработка со Бања Лука, од каде што јас доаѓам, а исто така и универзитетите од двата градови имале своевремено добра соработка. Јас се надевам дека ова денес е почеток на обновување на таа добра соработка, која што е во интерес на сите, затоа што и Бања Лука е град на конзулите, како и Битола, Бања Лука е втор најголем град во Босна и Херцеговина, а Битола во Македонија. Мислам дека менталитетот, пријателството, соработката ќе бидат основа за добра соработка. Се надевам дека добро ќе соработуваме на почеток во областа на културата, културните институции а потоа се надевам дека ќе завршиме и со добра економска соработка“, изјави членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, професор д-р Младен Иваниќ.
Иницијативата за соработка која доаѓа од денешните гости ќе овозможи заживување на приказни и спомени од минатото во еден вистински момент значаен за двете страни.
„Идејата е одлична затоа што Битола нема официјално збратимен град од Босна и Херцеговина, така што мислам дека ова е една голема предност и ќе се однесува на сите сегменти од општественото живеење. На почетокот, најлесно е да направиме релација преку културата, за тоа веќе имаме увид, така што очекувам оваа година тоа да го реализираме. Ова убаво друштво кое денес ја посети Битола ни донесе многу позитивна енергија, како и потврда на тоа дека Битола пријатели има и во Босна и Херцеговина. Сакам да се заблагодарам на посетата на денешните гости, на професорот и член на претседателството на БиХ, амбасадорот и на нашиот почесен конзул кој што гледам дека амбициозно влегува да ја извршува својата функција“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.

BitolaBanjaLuka2016-1 BitolaBanjaLuka2016-2 BitolaBanjaLuka2016-4BitolaBanjaLuka2016-3