ЛОКУМ И ШЕКСПИР ВО ФОКУСОТ НА БИТ ФЕСТ 2015 ТЕАТАР И СТАР БИТОЛСКИ ОБИЧАЈ (ЛОКУМ ФЕСТ)

ЛОКУМ И ШЕКСПИР ВО ФОКУСОТ НА БИТ ФЕСТ 2015 ТЕАТАР И СТАР БИТОЛСКИ ОБИЧАЈ (ЛОКУМ ФЕСТ)

Трае третиот интернационален „Битола Шекспир фестивал“. По премиерата на БНТ „Антоние и Клеопатра“(во режија на Џон Блондел) синоќа, вечерва на сцената (20:00 часот) на БНТ Шекспировата „Многу врева за ништо“, претстава на Народно позориште од Сомбор, соседна Србија. Режисерката  Ана Ѓорѓевиќ вели дека нивната претстава е конструирана како сон. „Тоа не е индивидуален сон, со кој поединечното несвесно ѝ се обраќа на личноста на сонувачот, тоа е сон што го сонува целото човештво, и тоа еден посебен вид „компензирачки сон“, сон што ја прикажува стварноста таква каква што би требало да биде. Сонот е низа слики во движење што влијаат на исконскиот инстинкт и на фантазијата и тоа со сила што поттикнува на дејствување, сила што ја осветлува душата со ирационален оптимизам, ги прочистува емоциите од сè што е ситно, банално и што блокира … Во нашиот „сон“, во таа „маѓепсана градина“ венчавањето го спасуваат лудаци. Наши херои се оние што светот го гледаат како „будали“. Една голема неправда што води кон катастрофа ја поправаат инфериорните, умствено и физички слабите, неуките, угнетените, зашто лудите во нас и околу нас подобро ја гледаат стварноста и нејзината вистина отколку мудрите и учените. Она што е во нас детинесто, будалесто, изопштено, пијаниот дел од нас што си игра, што замислува, што фантазира и непречено е во алогично препуштање на љубовта кон животот онаков каков што е, тој дел од нас гледа сè.“
А, викендов БИТ ФЕСТ 2015 ќе биде посветен на стариот градски битолски обичај, на традицијата која што со векови е потврда за урбаниот битолски простор, под името „Локум фест“ ќе бидат изложени ракотворби, ќе се одржи работилница за сувенири, а сето тоа ќе биде послужено традиционално со кафе и локум. Исто така, изложбата на стари инструменти, ќе биде проследена со прекрасната музика на битолчанката Виолета Томовска, групите Ѓердан и Велешки чалгии, а како гостин на „Локум фест“ се појавува Мери Минас Магдалена.

BF2015LokumISekspir_1 BF2015LokumISekspir_2 BF2015LokumISekspir_3