ОПШТИНАТА И УНИВЕРЗИТЕТОТ ЗАПОЧНУВААТ СОРАБОТКА НА КОНКРЕТНИ ПРОЕКТИ

ОПШТИНАТА И УНИВЕРЗИТЕТОТ ЗАПОЧНУВААТ СОРАБОТКА НА КОНКРЕТНИ ПРОЕКТИ

Градоначалникот Тони Коњановски и ректорот на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, Сашо Коруновски, денес остварија работна средба на која беа договорени конкретни проекти на чија реализација заеднички ќе работат во следниот период. Идеите и предлозите од студентите, ќе бидат водечки во понатамошната соработка, помеѓу двете институции.

„Она што со градоначалникот денес го договоривме е, оние општи меморандуми да ги претвориме во конкретни договори за соработка и неколку веќе ставивме на маса, а тоа е реализација на идејата на студентите за студентски парк, во просторот кој што ќе го определиме во поранешната касарна, реализација на проектот за студентска пракса во општината, на нашите студенти, активирање на лабораториите на универзитетот во функција на потребите на општината, но и пред други инвеститори и донатори и се разбира, многу други активности, кои што значат развој на градот и пошироката заедница. Она што не спојува, се младите луѓе и гледате многу од идеите кои што тие ги даваат, всушност се нашата програма за работа понатаму“, изјави рекоторот Коруновски.

Заедничките активности, проекти и програми кои значат взаемна поддршка, претставуваат и понатамошен патоказ за работа во интерес на напредокот на општината.

„Тоа што Општина Битола континуирано го прави преку повеќе програми, а е насочено кон поддршка на младите луѓе, со цел нивно поттикнување да останат, да творат и делуваат во својата држава, во својот роден град, потребно е да биде добро планирано и системски поврзано, за да може бенефитите да се почувствуваат во повеќе области на општественото живеење.

Универзитетот и општината веќе имаат потпишан меморандум за соработка, но сега таа соработка ќе ја продлабочиме со нови проекти, кои ќе помогнат за поголемо вклучување на младите во институциите, за време на нивното студирање, преку професионална пракса, во која ќе дадат свој придонес во одредени процеси, но и ќе стекнат практични вештини.

Исто така, соработката која ја имаат и општината и универзитетот со бизнис секторот, дава насоки за воведување на соодветни програми кои ќе продуцираат висококвалитетни кадри, конкурентни на пазарот на трудот, веднаш по завршувањето на студирањето.

Во тој контекст, на денешната средба ставаме акцент и на единиците кои функционираат во рамките на Универзитетот Свети Климент Охридски, како и експертската поддршка од нивна страна која ја добива локалната самоуправа во делот на подготовките за имплементација на нови сообраќајни решенија, како и проекти од областа на заштита на животната средина и други сфери“, изјави градоначалникот Коњановски.