ЗАПОЧНУВА ДЕВЕТТОТО ИЗДАНИЕ НА БИТ ФЕСТ

ЗАПОЧНУВА ДЕВЕТТОТО ИЗДАНИЕ НА БИТ ФЕСТ

Во петок на 27.06.2014 официјално започнува деветтото издание на најдолгото и најсодржајно културно лето во Република Македонија БИТ ФЕСТ 2014 кое се организира во соработка со културните институции и граѓанските здруженија од општината, а под покровителство на градоначалникот на општина, д-р Владимир Талески. И оваа година програмата наменета за сите генерации се очекува да предизвика голем интерес кај домашната публика, но и кај големиот број гости од други градови, како и наши иселеници кои ова лето решиле да го поминат во Битола. Од пристигнатите 320 апликации, битолското културно лето оваа година во својата програма ги вбројува најдобрите 165 наслови, односно над 270 настани од областа на: ликовната уметност, литература, класична музика, етно, поп, рок, world, амбиентална музика, театар и филмски проекции, детска програма, фестивали и многу други содржини. Со самиот почеток на летото БИТ ФЕСТ ја започна својата програма преку фестивалите Солстис и Битола отворн град, а дел од овогодинешното издание ќе бидат и фестивалите: второто издание на Шекспир фестивалот, АКТО, Илинденски денови, Локум фест, Смотра, Бус Фест, Кафекабана на Широк Сокак, како и детските фестивали: „Битолино“, „Тра ла ла“, „СИ-ДО“ и многу други.
„Деветтото издание на БИТ ФЕСТ со својата програма вклучува исклучителни уметници, афирмирани изведувачи, групи, ансамбли и други уметници кои доаѓаат од над 20 земји меѓу кои Србија, Хрватска, БИХ, Албанија, Бугарија, Грција Словенија, САД, Шведска, Холандија, Полска, Италија, Шпанија, Турција, Ерменија, Романија, Португалија, Русија, Полска, Украина, Косово, Грузија, Малта, Кипар, Јапонија и други земји. И ова издание на БИТ ФЕСТ дава можност за афирмација и на младите уметници – ентузијасти“, изјави покровителот на фестивалот – градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески на денешната прес конференција по повод свеченото отворање на БИТ ФЕСТ 2014.
Свеченото отворање на фестивалот ќе биде во прекрасниот амбиент на Старата битолска чаршија, во петок од 21.00 часот со мултимедијалниот проект „Камера“, за кој режисерот Сашо Миленковски вели: „Перформансот „Камера“ е истражување на односот помеѓу реалноста и илузијата видено низ очите на кинематограферот. Браќата Манаки – првите кинематографери во овој дел на светот се почетоците на една голема епопеа на реструктуирање на реалноста во уметност. Во претставата се користат текстови од нивни духовни наследници, кинематографи и теоретичари на филмот, но и текстови кои го опсервираат посебниот однос помеѓу реалноста и илузијата наречена – живот“. Во мултимедијалниот проект „Камера“ играат Иван Јерчиќ, Борче Ѓаковски, КУД Илинден, а сценариото и режијата се на Сашо Миленковски, Јован Ристовски и Александар Црвенковски.

Помеѓу поголемите настани на деветото издание на БИТ ФЕСТ се вбројуваат и концертите на „Фрајле“, Кирил Џајковски, Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Владо Јаневски, Харундо од Италија, современ џез со Оливер Јосифовски, Александар Секуловски, Сашо Поповски и познатиот џез музичар од САД Дејв Вилсон, потоа Рок симфонијата на Битолскиот камерен оркестар со повеќе познати македонски изведувачи, премиера на уште еден нов проект на битолската опера насловен како „Опера Хаус“, јапонски танци кои доаѓаат од Кумагаја, Јапонија, пијанистката од Турција Сила Илијасогулари и уште многу други настани кои очекуваме и оваа година да предизвикаат голем интерес кај нашата публика која ќе има можност да биде заедно со БИТ ФЕСТ 2014 до 29 август. И оваа година за изведување на настаните ќе се користат над 30 отворени и затворени сцени во општина Битола.