ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

ОДБЕЛЕЖАН ДЕНОТ НА ОБЕДИНЕТИТЕ НАЦИИ

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Фатмир Бесими и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, постојаниот претставник на ОН во Република Македонија Луиза Винтон, градоначалникот Владимир Талески и претставници на Универзитетот „Св.Климент Охридски“, денеска во Битола на симболичен начин, со поставување временска капсула го одбележаа 24 Октомври – Ден на Обединетите Нации.
Националната манифестација се одржа под мотото „Светот што го сакаме во 2030 година“ и првпат во историјата на овој град, јавните личности од државата и студентите од Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола со пишување пораки кои ги ставија во временската капсула, посочија каква иднина сакаат во градот, државата и во светот во 2030 година.
„Семејството на Обединетите нации ќе продолжи да работи со Владата и со граѓаните за да обезбеди подобри можности и подобра иднина за сите, особено на прашања како што се квалитетно образование и квалитетни работни места, намалување на семејното насилство, подеднаква застапеност на жените и мажите во политичкиот живот, еднаков пристап до сите граѓани до квалитетни јавни услуги, подобар пристап на лица со попреченост до услуги и вработување… Мојата порака е едноставна – кога гледаме на 2030 година, 15 години отсега па натаму, сакам да ги повикам сите луѓе, посебно младите, да го кажат својот збор како сакаат да го видат светот во таа година. Надежите и аспирациите на младите луѓе ќе бидат искажани денеска и ќе бидат запишани “, изјави Луиза Винтон, постојаниот координатор на Обединетите нации во Република Македонија.
„Прашањето е јасно – „Кој свет го сакаме до 2030 година?“. Свет на поголема еднаквост и повеќе можности. Свет на поголема солидарност и љубов. Свет кој ќе живее во слобода и мир“, изјави Фатмир Бесими, вицепремиер за европски прашања на Република Македонија.
Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов истакна дека светот во 2030, го гледа како свет на младите, на млади лидери.
„Република Македонија како полноправна членка на Обединетите нации, вложува максимални напори да ги постигне целите кои ги има како земја во развој. Јас светот во 2030 година го гледам како свет на млади луѓе и реализирани луѓе,млади лидери во сите сфери. Но, сега е времето кога мора да го разбереме новото време – што тоа бара и што тоа носи, и затоа ги повикувам сите млади да се надградуваат, учат и вложуваат во себе “, изјави Министерот за труд и социјална политика“, Диме Спасов.
„Првпат, токму од Битола имаме можност да ги испратиме сите наши желби, нашите размислувања до 2030 година. Изборот не е случаен, градот што во својата меморија има многу историски случувања може да биде центар на една ваква временска капсула. За опстанокот на планетата Земја треба сите да се бориме, сите луѓе и нации, сите ние кои имаме одговорност за нашиот еден и единствен дом – планетата Земја. Покрај природните предизвици, општествените предизивици се тие кои што најмногу ќе влијаат, а тоа пак најмногу зависи од нас луѓето, од човекот и затоа не верувам дека е испразнет целиот капацитет на човештвото, напротив убеден сум дека допрва доаѓаат најголемите процеси за развој на човештвото и кога доброто ќе излезе на површина и во прв план, рече градоначалник на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Пораките од денешниот настан беа оставени во временска капсула која ќе биде чувана до 24 октомври 2030 година на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, изработена од студентите од архитектонскиот факултет, во која сите учесници и над 1000 студенти од цела Македонија имаа можност да остават „разгледници од иднината“ со својата визија за свет во кој сакаат да живеат во 2030 година.