НОВА ДОГРАМА ВО ОУ АЛЕКСАНДАР ТУРУНЏЕВ

НОВА ДОГРАМА ВО ОУ АЛЕКСАНДАР ТУРУНЏЕВ

Дотраена дограма, огромна загуба на електрична енергија и лош естетски изглед. Ваква беше до неодамна ситуацијата во ОУ Александар Турунџев во с.Кукуречани, каде што со години не се инвестирало. Со големата инвестиција на Сокотаб и поддршка на Општина Битола и Македонскиот цебтар за меѓународна соработка, ова училиште доби комплетно променети услови.

„Денешниот ден за сите вработени во ОУ Александар Турунџев, а особено за учениците е еден многу голем ден, а ние си го нарековме празник на нашето училиште, празник за сите нас. Денес го одбележуваме завршувањето на големиот проект за промена на прозорците и вратите во нашето училиште со донација од Сокотаб, и поддршка од Општина Битола и Македонскиот центар за меѓународна соработка. Проектот е завршен и веќе имаме едно поубаво училиште, попријатно место за престој на сите нас, особено за нашата најмлада популација – учениците. Благодарение на сите добри луѓе кои сакаа да помогнат денес имаме едно поубаво училиште, изјави Даниела Цветковска, директор на ОУ Александар Турунџев с.Кукуречани.

За реализацијата на овој проект голем придонес има и Македонскиот центар за меѓународна соработка.

„МЦМС во партнерство со Сокотаб Македонија веќе петта година спроведува проекти за модернизација на основните училишта. Досега се поддржани 12 училишта, а оваа година имаме покрај ова училиште да го поддржиме и реновирањето на основното училиште во Демир Хисар. Улогата на МЦМС е да ги организира и ги идентификува училиштата, а понатаму да ги спроведе сите постапки за реализација на реконструкцијата. Денеска имавме задоволство да присуствуваме на овој настан каде после еден месец забележливи се резултатите, Димче Митревски, генерален директор на МЦМС.

Со новата дограма целта е веќе постигната. Температурата во училниците е повисока за 5-6 степени, а потрошувачката е намалена за 20%.

„Оваа идеја е подолгорочна. Нашата соработка трае веќе повеќе години и е дел од еден наш проект за социјална помош и поддршка во Македонија. Посебно се обидуваме да помогнеме во области каде што се одгледува тутунот, изјави Џовани Бени, генерален директор на Сокотаб.

Проектите со кои се обезбедуваат подобри услови во училиштата се проекти за кои Општина Битола максимално се вложува давајќи придонес и создавајќи пријатна атмосфера во која ќе се одвива квалитетен воспитно образовен процес.

„Наша голема радост е, а се надевам уште поголема е радоста на сите ученици на наставниците, на сите мештани. Знаете дека ние секогаш ги стимулираме сите директори, раководители кои што изнаоѓаат разни начини за реконструкција на просториите. Директорката со својата екипа навистина направи исклучителен напор кој вроди со голем резултат“, изјави Владимир Талески, Градоначалник на Општина Битола.

Оваа инвестиција е втора на Сокотаб во ова училиште. Промената на дограмата е со вкупна вредност од 46 000 евра.