Амбасадите на Франција и Германија денес на француските гробишта во Битола одржаа комеморација по повод Денот на народната жалост, крајот на Првата светска војна и 50 години од потпишувањето на Елисејскиот договор. На комеморацијата присуствуваа амбасадорите на повеќе европски држави, како и министерот за одбрана Талат Џафери:
„Сметам дека овој ден е голема порака за сите мајки и татковци, браќа и сестри кои ги изгубија своите најмили да ја имаат силата и доблеста да гледаат во иднината и сите заедно да чекориме кон иднината“, изјави министерот за одбрана Талат Џафери.
Во своето обраќање германската амбасадорка Гудрун Штајнекер потсети дека изминатата година одржани се повеќе заеднички настани со гермнски, француски и млади луѓе од Македонија за поголемо меѓусебно запознавање:
„Секоја година го користиме овој повод да потсетиме на тоа дека мирот и слободата не се нешто што се подразбира, туку заеднички вредности за кои се залагаат нашите две држави, за кои мора секогаш одново да се бориме и да ги браниме. Ова предупредување е упатено првенствено до политичарите и до лидерите во Франција и Германија, но тоа е упатено и до секој еден од нас, истакна амбасадорката на Германија, Гудрун Штајнекер.
„Во животот мора да има помирување, а мирот и помирувањето треба да бидат главната порака“, истакна пратеникот од Националното собрание на Франција на денешниот настан. Градоначалникот Талески, потсети дека токму ваквата порака е основниот патоказ кој потсетувајќи не на историјата треба да не води кон успех, разбирање и соработка во иднината:
„Битола можеби е едно од најретките места, кое очигледно дека во текот на историјата, во текот на изминатото време има такви лузни кои што укажуваат на едно многу значајно место, место кое што низ сите епохи имало централно значење. Во таа смисла, мислам дека и денешниов ден е многу значаен затоа што очигледно е дека две големи сили кои што некогаш биле спротивставени, денеска веќе го менуваат својот концепт и внесуваат многу човечки фактор. Настрана од политиката што била некогаш, денес и политиката се менува, бидејќи убеден сум дека сите веќе имаме сознание дека на таков начин не се решава ниту еден проблем. И ние сме веќе сведоци, нашето искуство во изминатите децении не е мало, практично секаде онаму каде што имаше воени конфликти, на крајот се мора да се заврши и да се реши со договор, со дијалог, да се седне на маса и да се најдат заедничките решенија. Убеден сум дека ваквото почитување на одредени историски моменти, укажува на идните концепти за заедничка соработка. Денеска Франција и Геранија покажаа дека тоа е и Европскиот концепт, претпоставувам тоа е и Светскиот концепт. Битола денеска е уважена на највисоко
ниво, од претставници на амбасадите во Македонија, од Собранието и Владата на Република Македонија. Доаѓа друго време и векот е друг. Во 21 век моќта на информациите е толку голема што укажува на тоа дека треба да се извлечат еднаш засекогаш поуки од конфликтите на кои што историјата упорно и секојдневно не поучува“, изјави Градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.