Во организација на Фондацијата Бизнис Стартап Центар Битола како дел од проектот на Американската агенција за меѓународен развој УСАИД “Бизнис без граници“ (2011-2013), денеска во Битола започна конференцијата насловена: Што ние правиме за малите и средни претпријатија?
Конференцијата има за цел да им се понудат на малите и средни претпријатија алатки, ресурси и решенија кои им се потребни за успешен настап во светот на бизнисот, како и следење на трендовите на пазарот. Исто така, конференцијата ќе придонесе кон активирање на локалните ресурси преку размена на знаење, вмрежување и учење, да се отвори патот за развој на МСП и економски раст. Едноставно истата ќе даде одговор на прашањето: што правиме ние за малите и средни претпријатија?
На конференцијата учествуваат организации, експерти вклучени во претприемништво и економскиот развој преку развој на малите и средни претпријатија , бизнис инвеститори, малите и средни претпријатија, академици, истражувачи, владини службеници.
На отворањето на конференцијата свое обраќање имаа Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски, Градоначалникот на Општина Битола Владимир Талески, Заменик амбасадорот на САД Брајан Агилер и Ректорот на универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола Златко Жоглев.
Во текот на следните три дена во рамките на оваа конференција ќе се понудат одржливи решенија за раст и развој на малите и средни претпријатија низ панел дискусии, фокус групи, презентации од страна на национални и меѓународни експерти и работилници.