ФОРМИРАНА УНИЈА НА СОВЕТИ НА РОДИТЕЛИ

ФОРМИРАНА УНИЈА НА СОВЕТИ НА РОДИТЕЛИ

 

Денес во општина Битола беше формирана унија на совети на родители во која партиципираат претставници на советите на родители од сите училишта. Со формирањето на унија на совети на родители се овозможува поголема вклученост на родителите во работата на училиштето и нивна проактивна улога во вкупниот воспитно – образовен процес.

„За прв пат во нашиот град со поддршка на локалната самоуправа и нашиот градоначалник и севкупната поддршка од директорите во основните и средните училишта се формира унија на советите на родители на ниво на училиштата. Формирањето на унијата е поздравено од сите совети во училиштата и се смета за многу значаен сегмент на едукативниот аспект. На денешниот состанок, како најважни ги истакнавме безбедноста на децата, здравиот живот и сите други тековни активности со кои би можеле да го подобриме животот и учењето во наставната и воннаставната активност. Во моментов ја креираме програмата која од први септември треба да започне активно да се спроведува, изјави Ангелка Диневска, координатор на унијата.

Претставниците од Советите на родители кои функционираат во рамките на училиштата во текот на изминатата седмица одржаа состаноци со останатите членови на советите на родители од училиштата кои ги претставуваат со цел да се евидентираат сите предлози кои претставуваат реални потреби на учениците. Врз основа на тие предлози на денешната конститутивна седница на унијата на совети на родители, беше договорена и динамиката на изработка на програмата која треба да биде изготвена најдоцна до 15 ти јули. Дел од овие предлози ќе бидат инкорпорирани и во програмата на советот за образование, кој својата програма треба да ја заврши до 15 август. Во изработката на двете програми ќе бидат вклучени стручни лица од областа на образованието, како и претставници од локалната самоуправа.

„Изминатиот период работевме на оваа тема. Мислам дека е значајно затоа што се она што се случува во образованието добро е да се согледа од сите аспекти. Родителите најмногу се грижат за своите деца, но тука се и наставниците, професорите, директорите кои исто така се грижат за учениците. Ова е трет совет од нашата програма кој го формираме. Во трката да се постигнат приоритетите, многу често се случува одредени елементарни работи да не се видат. Родителите се тука, од нив имаме поддршка, а максимално ќе ја добијат и нашата поддршка. Убеден сум дека до први септември ќе ги имаме селектирано сите приоритети кои што ќе бидат сугестија и на родителите, но и на наставниците, професорите и директорите. На тој начин ќе се потрудиме за нашите најмалечки кои се иднина на нашата општина да направиме максимални услови за образование. Најдобрата инвестиција е секогаш инвестицијата во образованието“, изјави М-р Владимир Талески, Градоначалник на општина Битола.

Формирањето на унијата на совети на родители е еден од проектите кои се дел од програмата на Градоначалникот на општина Битола, М-р Владимир Талески.