Во Општина Битола денеска се реализираше отворен ден за граѓаните. Граѓаните на општината Битола имаа можност за своите идеи, предлози, прашања, забелешки и сугестии да поразговараат со градоначалникот на општината Битола, д-р Владимир Талески, раководителите на општинските одделенија и сектори и директорите на јавните претпријатија.
„Голем дел од граѓаните кои што доаѓаа кажуваа и свои проблеми, професионални, стручни, но и лични. Токму поради тоа организираме вакви денови за да го слушнеме мислењето на граѓаните. Имавме граѓанин кој ни даде предлог како одредени работи да се поедностават. Сите предлози ги евидентираме и таквите предлози доколку не се однесуваат на локално ниво ги проследуваме до соодветната институција. Убеден сум дека многу почесто ќе имаме вакви средби, добро е за граѓаните, но и за нас, затоа што информациите ги добиваме од прва рака. Покрај онаа практика која што значи посета на самото место каде што работиме, посета на урбани заедници и институции, можеби има граѓани со кои не сме се сретнале затоа е добро на овој начин почесто да се сретнуваме. Зависно од динамиката, два пати седмично сигурно ќе се сретнуваме со граѓаните во период од три часа, а доколку има потреба и повеќе. Секаде каде што можеме интервенираме и им помагаме на граѓаните“, изјави градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
На денешниот отворен ден, општина Битола ја посетија 40 граѓани.
