Во НУУБ „Св. Климент Охридски“ во Битола, се одржа промоција на деветте томови на собраните ракописи на македонскиот револуционер, национален деец и државник Павел Шатев.
Деветте томови: „Историја на Македонија“, „Борис Сарафов – биографија“, „Спомени“, „Полициско досие“, „Записи за нацијата и државата“, „Македонија и балканскиот проблем“, „Македонија под ропство“, „Документи“ и „Заточението во Сахара – Фезан“, ги претставија проф. д-р Зоран Тодоровски, Предраг Димитровски и Нове Цветаноски.
Павел Шатев (15 јули 1882, Кратово – 29 јануари 1951, Битола) е еден од најистакнатите македонски револуционери, национални дејци, политичари и државници.
Павел Шатев спаѓа меѓу ретките македонски револуционери, политичари и државници од постарата генерација, кој ги преживеа сите премрежиња на македонската ослободителна борба. Неговиот животен сон се оствари со ослободувањето на Македонија и создавањето на македонска држава, давајќи и свој печат во нејзината изградба. Но, токму во слободната татковина, трагично ќе го заврши својот живот, со апсење, затворање, сослушување и интернирање во домашен притвор. По преживеаните две смртни казни од други држави (Османската Империја и Бугарија), смртта ќе го снајде по тортурата од државата за која се бореше и поради што беше осудуван на смрт.
Денешната промоција се одржа по повод годишнината од смртта на Павел Шатев, кој почина на 29 јануари 1951 година во Битола, а е погребан следниот ден на гробиштата кај црквата „Св. Недела“ во Битола.
