НАД 70 КОМПАНИИ ИМ ПОНУДИЈА РАБОТНИ МЕСТА НА БИТОЛЧАНИ

НАД 70 КОМПАНИИ ИМ ПОНУДИЈА РАБОТНИ МЕСТА НА БИТОЛЧАНИ

Над 70 компании од различни дејности денеска во Битола ги претставија профилите на потребниот работен кадар на Саемот за вработување што го организира Агенцијата за вработување со поддршка на општина Битола.
„Овој ден е значаен за сите што бараат работа, но и за оние што бараат работници. Во многуте средби што ги имавме во Владата на Република Македонија и во Агенцијата за вработување со работодавачите и невработените едните укажуваа дека нема соодветно работно место, а други посочуваа дека нема соодветен работник што ќе го пополни тоа работно место. Јас се надевам дека од денешните директни средби ќе бидат направени интервјуа по кои ќе бидат склучени нови вработувања“ изјави директорот на агенцијата Влатко Поповски.
Тој нагласи дека овој интерактивен пристап е карактеристичен за сите развиени земји во светот и цврсто веруваат во резултатите кои караванот ќе ги даде.
Директната средба меѓу работниците и работодавачите е од големо значење за двете страни.
„Овој концепт е многу значаен бидејќи на ваков начин придонесуваме сегашната бројка од 6.700 невработени лица во Битола уште повеќе и драстично да се намали на што ќе работиме во идниот период, бидејќи да потсетам кога стапив на функцијата градоначалник бројот на невработени лица во општината беше над 17.000 невработени. Сигурен сум дека после овој настан ќе има и нови вработувања“ рече градоначалникот на општина Битола, д-р Владимир Талески.
Граѓаните се задоволни од ваквиот начин на запознавање со компаниите и од можноста што им се нуди за да остават мотивациско писмо кај компаниите.
На Саемот беше потврдено дека според структурата на невработеност во овој град има околу 1.400 лица невработени со високо образование, а другите невработени се со средно и основно образование. Работодавачите бараат лица со различни профили, а најбарани се оние од информатичките технологии, со завршен економски или правен факултет.
Караванот Саеми за вработување, повеќе од месец и половина се одвива низ градови во државата. Досега, го посетиле околу 350 илјади граѓани, а се претставиле над 500 компании. Следниот саем за вработување ќе се одржи во Куманово.