ВО ОУ ЃОРЃИ СУГАРЕВ ЗАПОЧНА ПРОЕКТОТ „ДА СЕ ДАДЕ ШАНСА НА ЕДНО ДЕТЕ“

ВО ОУ ЃОРЃИ СУГАРЕВ ЗАПОЧНА ПРОЕКТОТ „ДА СЕ ДАДЕ ШАНСА НА ЕДНО ДЕТЕ“

Во основното училиште Ѓорѓи Сугарев во Битола започна реализацијата на проектот „Да се даде шанса на едно дете“. Проектот се реализара како резултат на соработката на ОУ Ѓорѓи Сугарев, Општина Битола и организација од Шведска и истиот има за цел да обезбеди храна за учениците од специјалната паралелка во училиштето и учениците кои доаѓаат од социјално загрозени семејства.
„Нашата организација има за цел да им се помогне на деца кои што се социјално загрозени. Денес почнуваме со делење на исхраната, а кон крајот на април ќе дојдеме со сите донатори со цел да констатираме какви резултати се постигнати. Реализацијата на проектот очекуваме да изнесува од 25 – 30 000 евра“, изјави Марија Росангрен, битолчанка која живее и работи во Стокхолм, Шведска.
Ваквата иницијатива претставува вистинска можност да се помогне на одредени социјални категории, поради што општина Битола дава максимална поддршка на овој проект.
„Овој проект кој што ни го предложи Марија претставува убава, но ретка можност, затоа што со својот проект иницира еден хуман аспект во начинот на живеење. Организирани сме за да овој проект непречено функционира во наредните две години, ангажирани се и волонтери кои ќе им помагаат на децата со посебни потреби и на децата со социјални потреби. Во овие тешки и сложени времиња кога сме сконцентрирани на политичкиот, стопанскиот или економскиот аспект на земјата, често пати можеби се случува да не бидеме бескрајно внимателни кон овие категории. Како општина имаме посебна програма, но и секоја помош ни е добредојдена и веруваме дека и други наши македонци што се во можност ќе помогнат на социјално загрозените категории. Верувам дека овој пилот проект ќе се прошири таму каде што е потребно и во други општини во Македонија“, изјави градоначалникот на Општина Битола, д-р Владимир Талески.
Во посебните паралелки во ОУ „Ѓорги Сугарев“- Битола учат 37 деца, а оваа помош ќе ја користат и 48 деца од категоријата социјално загрозени.