Третиот а воедно и последниот ден од ИДТФ Битолино започна со претстава во продукција на „Маска“ театар од САД. Претставата со наслов „Овоштарникот со праски“ е всушност колаж од петнаесетина различни театарски ситуации, петнаесетина различни маски и карактери кои Лери Хант на еден магичен начин ги создава и оживува пред самата публика. Лери Хант е автор, режисер и изведувач на куклени претстави за деца и возрасни, повеќе од 30 години работи и создава маски и нови театарски карактери, работел и обучувал актери низ целиот свет, а многупати е наградува од сојузот на куклен актери во САД. Добитник е на многубројни награди на детските фестивали насекаде во светот.
Последната претстава за затворањето на ИДТФ Битолино беше претставата „Кралицата Конг“ во продукција на денс компанијата „Ла Базока“ од Авр, Франција. Оваа компанија е формирана во 2002 година и исклучиво се занимава со танцов театар. Оваа година за прв пат публиката на Битолино се запозна со еден нов театарски правец кореодрама наменета за деца. Во претставата играа три одлични танчерки кои најмладите ги воведоа во светот на трите кралици кои танцуваат, скокаат, знаат да пеат и кои понекогаш го слушаат плачот на дрвата, но најважно од се знаат како и до крај се борат за својата слобода.
ГРАН ПРИ за „Најдобра претстава во целина“ доби театарската компанија „Рути Тамир“ од Модин, Израел. „Четири басни и Кралицата“ е претстава во која четири приказни се заробени во една бајка, една виртуозна комична креација за осум животни и една кралица. Претстава која создаде еден магичен свет во кој на еден пластичен и лесен начин со многу специфични движења една актерка ни претстави четири приказни кои никого не остави рамнодушен. Рути Тамир дипломирала класичен и модерен балет во Израел, а своето образование го продолжила на универзитетите во Флорида и Охајо на секторите за актерска игра и пантомима, но исто така има работено во многу држави низ светот и е добитник на наградата за најдобра актерка во Израел за 2013 година.
За наградата одлучуваше трочлено жири во состав на Валентина Луц која е режисер и директор на Детскиот државен театар на Портите на Нарва од Санкт Петерсбург – Русија, актерката од Народниот театар од Битола Соња Михајлова како и режисерот од Народнот театар од Битола Јован Ристовски.
Директорот на фестивалот Васко Мавровски истакна дека особено е горд што петтото јубилејно издание помина одлично, со многубројна публика на сите претстави, а воедно и најави дека подготовките за шестото издание на Битолино ќе започнат уште од утре и ќе се потрудат да биде уште подобро издание.
Театарскиот детски фестивал Битолино беше поддржан од Општина Битола во памки на јубилејното битолско културно лето БИТ ФЕСТ 2015.