Документарниот филм ,,Дамарите на старата битолска чаршија,, се осврнува на периодот кога чаршијата со околу 900 дуќани, била дамарот на градот, а бројните занаети и професии го диктирале темпото на живот во целиот регион. Оттука, филмот низ еден сплет на историски важни податоци за Битола прикажува како чаршијата била срцето на Битола и како многу случувања биле поврзани токму со неа. Како една заокружена целина, документарниот филм дава историски осврт на трговскиот процут на Битола, кога е и врвот на развојот на старата битолска чаршија. Но, филмот пренесува и кои занаети одолеваат на забот на времето, во битолската чаршија, која се уште дише со свој препознатлив дух. Филмскиот наратив пренесува дека духот на древното во старата битолска чаршија, сега е испреплетен со духот на модерното, давајќи и со тоа уште поголема автентичност и уникатност, но и шанса за опстојување и развој.
