„Фолтин“, вечерва (10.08.2015, 21.00 часот), во рамките на БИТ ФЕСТ, ќе настапат на прекрасната летна сцена на Тумбе кафе. Постојат 18 години, во статистиката уште стои: седум самостојни албуми, музика за преку дваесет театарски претстави и бројни настапи во Македонија, Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Франција, Германија, Унгарија, Англија, Либан, Холандија, Белгија, Турција и Чешка. За нивната работа и неколкупати се наградувани. Музиката на „Фолтин“ е духовита, страсна и жива, создава жешка танцувачка атмосфера преку брзите ритми. Нивниот пристап во градењето на атмосферата е непредвидлив и оригинален. Освен на македонски, пеат и на таканаречен „спонтан eсперанто“, имагинарна смеса или фонетска имитација на светските јазици. „Фолтин“ себеси се опишуваат како ПСЕВДО -ЕМИГРАНТСКО КАБАРЕ.
Последниот албум на Фолтиновци (Пеце Николоски – кларинет и усна хармоника Бранислав Николов – гласни и други жици, Пеце Трајковски – Брада – дирки, Гоце Јованоски – бас, Славчо Јовев – тапани и Маријан Станиќ – удиралки) „Пијан славеј“ излезе годинава, во продукција на НУ Центар за култура од Битола.