БИТ ФЕСТ:ГОДИШЕН КОНЦЕРТ НА ТСК СТЕП АП

БИТ ФЕСТ:ГОДИШЕН КОНЦЕРТ НА ТСК СТЕП АП

ЛАТИНО – АМЕРИКАНСКИ, СПОРТСКИ И МОДЕРНИ ТАНЦИ НА РОДЕНДЕНСКИОТ КОНЦЕРТ НА СТЕП АП НА БИТ ФЕСТ

Во рамките на единаесетото издание на Битолското културно лето БИТ ФЕСТ, синоќа во Народниот театар во Битола се одржа концерт на ТСК СТЕП АП од Битола. На овој начин, со музика и игра, танцовиот клуб го одбележа својот трет роденден, но истовремено даде и свој придонес кон понатамошниот развој на танцот во општината. „Чест и задоволство ни претставува тоа што нашиот концерт беше одржан во рамките на битолското културно лето БИТ ФЕСТ 2017.  Се надеваме дека успеавме да го привлечеме вниманието на битолската публика и преку нашата програма да го подигнеме нивото на развој на танцот во Битола и регионот“, вели Вера Сретенова Симјановска, Претседател на ТСК СТЕП АП Битола. Во концертната програма како директни изведувачи беа вклучени сите членови на танцовиот клуб, со исклучок на групата возрасни кои рекреативно танцуваат, или одредени членови кои се на летување. Битолската јавност имаше можност да се запознае подетално со основната дејност со која се занимава танцовиот спортски клуб, а тоа е изучување на стандарните танци, латино-американските танци и како најнова категорија спортските модерни танци за групи и формации. „Во едночасовната програма беа презентирани натпреварувачките кореографии на спортските танцови двојки и формацијата СТАРС со кои истите се претставија на државниот шампионат и на неколку последни меѓународни натпревари кои се одржаа во соседна Грција. Програмата беше збогатена и со ревијални настапи кои премиерно беа изведени во контекст на концертниот наслов „Влези во ритамот-танцувај со нас!“, додава Сретенова Симјановска, нагласувајќи дека во последните години интересот за модерниот и спортски танц во Битола се движи во нагорна линија. Дополнителна потврда за тоа е зголемувањето на бројот на членови во клубот, како и бројните покани за разни културни настани и манифестации во градот кои бараат збогатување на  програмата, токму со танц. „Како член на Танцовата Спортска Федерација на Македонија имаме одредени права и привилегии, но и обврски, а една од нив е организација на Државен бодовен натпревар кој е планиран кон крајот на месец септември. До крајот на годината следуваат неколку меѓународни натпревари во државата и надвор. Со цел усовршување на техничката, кондициската и уметничката нота нашите членови кои се активни спортисти и танцови натпреварувачи учество ќе земат на летни семинари и кампови. На вчерашниот концерт започнавме и со една категорија која постои во правилникот на WDSF (World Dance Sport Federation), но која кај нас премиерно се изведе, заслужено доби позитивна критика и најверојатно ќе продолжиме да ја практикуваме и усовршуваме“, вели претседателката на ТСК СТЕП АП Битола. Танцот е широко признат како сеопфатен тренинг, обезбедувајќи вежбен режим кој ги задоволува срцето и душата. Многу подалеку од физичките аспекти на тонирање на мускулите, како и подобрување на агилноста и кардиоваскуларен фитнес, танцот нуди една од најпознатите мулти-фацетирани спортски искуства.

Затоа од ТСК СТЕП АП порачуваат:

„Долгогодишното искуство на тренерите кои во текот на овие 3 години од нашето постоење го преточуваат во текот на тренинзите покажува дека танцот во голема мера влијае врз правилниот развој на децата, како на локомоторниот систем, така и на развојот на концентрацијата и координацијата. Тој ќе ве направи поздрави, подисциплинирани, пофокусирани, но истовремено и посреќни, порелаксирани, повесели и побогати во срцето и душата. Затоа, наша препорака до сите возрасни категории без оглед на нивниот талент, или предзнаења е да се обидат да го практикуваат танцот. Позитивните резултати за кратко време ќе ги почувствуваат“.

„Влези во ритамот, тацувај со нас“, е слоганот под кој се реализираше вчерашниот концерт на ТСК Степ ап во рамки на БИТ ФЕСТ 2017.