Талески: Една деценија работиме за поквалитетен живот на битолчани

Талески: Една деценија работиме за поквалитетен живот на битолчани

Скоро една деценија во Битола ја водиме секојдневно битката да ја разубавиме, да изгледа достоинствено како што му доликува на еден град со конзулска традиција, да решиме што повеќе од отворените прашања од животот во градот, вложуваме максимални напори да го подобриме квалитетот на животот на сите Битолчани, вели градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески за КУРИР.

Како Битола ги поминува овие летни денови, што се случува на инфраструктурен план, што главно ја одбележа Вашата агенда, во периодот наназад?

Талески: Објективно, многу прашања успеавме да ги затвориме, а она што можеме, јас како градоначалник, ние сите заедно како локална самоуправа, е и овој пат да им порачаме на граѓаните, дека продолжуваме најжестоко, најупорно, со истиот интензитет и љубов, како првиот ден, посветено и одговорно да работиме на остварувањето на програмата, проектите, да ги реализираме идеите за најубава и најградска Битола. Во оваа прилика би сакал да споменам само дел од она што последниве неколку месеци го окупираше нашето внимание, а тоа се: асфалтирањето на улицата Довлеџик, односно завршена е втората фаза, од целосната реконструкција, во вредност од околу 7.5 милиони денари. Инаку уличното осветлување е во вредност од 5 милиони денари, а инвестицијата за целиот овој проект, кој што вклучува не само безбедносни сообраќајни решенија, туку и еден комплетен нов лик на приодот – влезот во Битола од Охрид. Од тоа само  асфалтирањето чини 35 милиони денари. Потоа, изградбата на локалниот пат село Крклино – Горно Оризари, започна со третиот мост кој ќе биде изграден во должина од 10 метри и реконструкција на други два моста, како и патна инфраструктура во должина од 1,5 километри. Овој проект е финансиран од Владата на Република Македонија, преку програмата на Светска банка, во вредност од 21 милион денари. Со ова општина Битола укажува внимание, подеднакво и на граѓаните кои што имаат потреба од интервенција во простор во урбаниот дел, но и во руралните места. Програмата од Светска банка содржи проекти во вредност од  1 милион и 250 илјади евра. Дел од овие проекти се веќе завршени, како што се локалниот пат с. Поешево, с. Д.Оризари – с.Трн, с. Граешница и с. Црнобуки, а опфатени се и други локални патишта. Работиме и на  реализација на програмата на Министерството за транспорт и врски за изградба на водоводна мрежа, со која се опфатени 23 села. Започна, исто така и реконструкцијата на улицата Љубојно, со интервенција на  канализационата мрежа, каде досегашната азбестна цевка се заменува со Ф300 полиетиленска цевка.  Реконструкцијата на мешовитата канализација е предвидена во должина од 212 метри, а изведувач е КЈП ,, Нискоградба “ Битола. Потоа, следува фаза водовод и коловоз. Вредноста на овој проект изнесува околу 2 милиони и 700 илјади денари, од кои 1 милион денари се обезбедени од Декадата на ромите, а останатите средства ги обезбеди Општина Битола. Децата од село Канино кои досега патуваа до ОУ „ Крсте П. Мисирков “ во с. Бистрица, од септември оваа година ќе продолжат да учат во своето подрачно училиште во село Канино. Адаптацијата на училиштето ја започнавме.  Покривот на објектот е променет, а во тек е и изработка на септичка јама и канализационен приклучок.  Во селото Ниже поле често се појавуваат свлечишта, кои навремено се санираат. Во овој период  се работи на свлечиштето кај Џамијата, односно во завршна фаза е изградбата на потпорниот ѕид  кој е со должина од 65 метри. Со оваа санација и со реконструкцијата на улицата, се решава главниот проблем на жителите на ова село. Вредноста на овој проект, заедно со два пропусти за атмосферска вода изнесува околу милион денари. Покрај во Ниже поле, започнавме и санација на покривната конструкција на Домот во с.Оптичари. Тоа беше побарано од мештаните како приоритет поради прокиснувањето во просториите на подрачното училиште, кое се наоѓа во склоп на Домот. Вредноста на проектот изнесува над  800 илјади денари. Со ова, не само што го решаваме проблемот со училиштето и објектот, туку ќе ја искористиме и можноста да се целосно да се подготви една просторија, која што ќе можат мештаните да ја користат за нивните активности. Исто така, сакам да споменам дека почетните активности кои беа афирмирани пред околу една година во УЗ „Даме Груев”, една од најстарите и најубавите стари градски битолски населби, се интензивираат до крајна реализација. По поставување на водоводна и канализациона мрежа,  работите во овој дел привршуваат со асфалтирање, уредување на тротоарите и поставување на улично осветлување, со што ќе биде докомплетирано целосното инфраструктурно уредување во урбаниот блок 18, за што од буџетот се издвоени преку 13 милиони и 200 илјади денари. И ова е еден од нашите искрени напори проектите кои сме ги ставиле во Програмата на Општина Битола за оваа година, максимално да ги реализираме. Се обидуваме максимално, нашите активности да ги реализираме во сите сегменти, па така во објектите на детските градинки „Росица“ и „Колибри“, дрвената стара дограма е заменета со нова ПВЦ дограма. Овие два објекта како и останатите кои спаѓаат во централната градинка „Естреја Овадија Мара“ добија и нови наставно – образовни помагала, нови завеси и теписи. Вниманието кое што го укажува Општина Битола се однесува еднакво и на најмладите и на највозрасните. Градинката набави и ново транспортно товарно возило за разнесување на храната, а вредноста на инвестициите вкупно изнесува над 2 милиони денари. Битола шеесет дена во централниот летен период, значи јули и август е сцена на БИТ ФЕСТ, па оттаму и напорите градот постојано да се разубавува и континуирано да го подобрува својот лик како на функционален, така и на естетски план. Започнавме заедно со ЈП „Комуналец“ со поставување нова опрема низ Широк Сокак, која подразбира замена на старите метални жардињери и метални корпи за отпадоци со нови модели кои се изработени од импрегниран пресован гранит и мермер. Оваа инвестиција на ЈП „Комуналец“ изнесува над еден милион денари. Еден, исто така, од стратешките наши проекти за развојот на Битола е „Златен рид“. Во „Златен Рид “, новата населба која се протега на територијата на Старата Касарна, Општина Битола во моментов извршува голем број активности.  Поставена е фекална канализација, атмосферска канализација, водовод и се прави коловоз во СРУ 1 во делот на АРМ Четврт 1 во вредност од милион евра,  а до завршувањето на коловозот во СРУ 1 вкупната вредност за овој дел би достигнала до 1.5 милион евра. Со задолжувањето кое што Општина Битола го направи,  преку Министерството за финансии кај Светска банка во вредност од 2.5 милиони евра, ќе биде завршен и останатиот дел од АРМ Четврт 1 и АРМ Четврт 2 и тоа атмосферска канализација, водовод, уличното осветлување и коловозот. Три објекти се веќе изградени, а осум фирми градат објекти од кои седум се домашни инвеститори, а еден е странски инвеститор. Направени реконструкции на повеќе стари објекти кои беа дел од Касарната. Во еден реконструиран објект се наоѓаат Факултетот за  администрација и менаџмент на информациски системи  и  Факултетот за биотехнички науки, а во друг објект се наоѓа Правниот факултет. Извршена е реконструкција и адаптација на Стреланата, во реконструиран објект е сместено противпожарното друштво ПЕГАЗ ЕДУ, како и новата телевизија МЕГА. До крајот на оваа градежна сезона интензивно ќе работиме, веројатно дел од зафатите ќе ни останат и за следната градежна сезона, затоа што обемот е премногу голем, но се надеваме, дека сепак до ноември ќе биде завршен најголемиот дел, 70 до 80 проценти. Идните потенцијални инвеститори кои што ќе сакаат да градат, едноставно само ќе треба да се приклучуваат, затоа што ќе им биде подготвено. Ќе биде завршена целата фекална, атмосферска канализација, водоводната мрежа, патната инфраструктура, паркови, пристапни патеки сето она што ќе значи една нова населба, еден мал град кој што потенцијално би требало  да опфати околу 5 илјади жители.

Кои се активностите што општина Битола ги презеде во однос на ракометниот спорт?

Талески: Ракометниот клуб „Пелистер“ од Битола, од неодамна стана акционерско друштво каде 100%  сопственик – акционер е општината Битола. Сите долгови кои РК  „Пелистер“ ги имаше, Општината ги подмири и со тоа како и досега, останува обврската целосно да го финансира клубот. Таа одлука ја донесовме, затоа што историски наназад, најголеми резултати во спортот имал РК „Пелистер“. Во изминатите години имаше повеќе обиди да се стимулира работењето на клубот, но за жал ветуваната поддршка до Ккубот не стигна до мера каква беше ветена. За координатор на клубот поставен е Стевче Стефановски, истакнат поранешен ракометен голман и поранешен селектор на машката ракометна репрезентација на Македонија.

Општина Битола, покрај најголемиот број конзулати кои ги има, позната е и по своите меѓународни врски и пријателства. Неодамна осваривте посета на Кина. Ќе не информирате ли поблиску за тоа?

Талески: Од 8 до 12 јуни бевме во посета на збратимениот град Нингбо во Кина, заедно со делегација од општина Битола, од стопанственици и двајцата директори на ИЗ Жабени, првиот директор Трајан Котевски и сегашниот Сашо Илковски. Посетата всушност ја искористив за присуство на форумот на градоначалници, на кој присуствуваа градоначалници од  16 земји, или како што тие го нарекуваат 16 плус 1, што значи 16 земји од Европа плус Кина. Јас ја имав таа среќа, чест и прилика да ја претставам Битола и Македонија, пред сите присутни градоначалници од Европа и кинеските компании – домаќините. Во таа презентација понудивме седум големи проекти и очекуваме во идниов период тоа да го разгледаат и се разбира, доколку најдат начин, интерес или компанија која што би била заинтересирана, да оствариме заедничка соработка. Минатата година во декември овие 16 земји и Кина, потпишаа договор за заедничка соработка, кој што значи правење на еден голем коридор ЗЕМЈА – КОПНО – МОРЕ, односно станува збор за договорот кој што е потпишан помеѓу Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Кина. Се работи за коридор кој од пристаништето Пиреа во Грција треба да ги соедини сите овие земји, сите овие простори до Будимпешта. Потпишан беше уште еден документ со градоначалникот на Нингбо Лу Ѕије, за проширување на заедничката соработка помеѓу збратимените градови. Потоа учествувавме на инвестиционен симпозиум, на средба со претставници на стопанските комори. Силно верувам, дека од овие контакти ќе успееме да извлечеме некаква инвестиција за Битола.

Десет години по ред го организирате најдолгото и со содржини најбогатото културно лето БИТ ФЕСТ. Што понуди јубилејното издание на БИТ ФЕСТ 2015?

Талески: БИТ ФЕСТ 2015, десетта година се потврдува како именител на битолската културна традиција, концепт кој ги акцентира индивидуалните силни уметнички креации, но и ги претставува културолошките вредности на Битола како еден од значајните неколкувековни урбани центри во Европа. Бит фест е најзначајна, културно – социолошка манифестација, лоцирана во Битола, градот на конзулите и  традицијата. Битола 60 дена е жива културна сцена, а концептот на Бит фест вклучува збир на бројни настани кои носат културен признак, од индивидуални уметнички креации до реномирани фестивалски случувања. спецификата на Бит фест е во сензитивната интеракција и воспоставената комуникација помеѓу публиката и културните случувања. Битолскиот камерен оркестар, настапот на Весна Гиновска – Илкова,  Партибрејкерс, Студентскиот симфониски оркестар од Утрехт, Холандија, кој маестрално ја изведе изворната „На Струга Дуќан да имам“, покрај класичните композициски дела на Турина, Блох и Стравински под диригентската палка на Бас Полард, го означија само почетокот на големите културни случувања на културните летни сцени низ Битола, ова лето.  Во рамките на  за Бит фест 2015 премиерно беше изведена една од  најдобрите  светски – танго опери „Марија од Буенос Аирес“, од аргентинскиот композитор Астор Пјацола, во режија на Благојче Божиновски. И битолските најдобри музички ѕвезди Ламбе Алабаковски и Димитар Андоновски одржаа хуманитарен концерт. Бит фест претставува покрај културна акција и акција за економска промоција. Културната комуникација е сигурно еден од најдобрите начини да биде воспоставена повеќеаспектна соработка, особено кога станува збор за заеднички историски епизоди, испреплетеност на индивидуални животни судбини, па и на цели народи: македонскиот и израелскиот. Со средбата со Неговата екселенција израелскиот амбасадор во Македонија и директор за Балканот г-дин Dan Oryan, која што ја реализиравме по неколку поводи, меѓу кои дваесетгодишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Македонија и Израел, во чест на тоа поставивме плоча на столбовите од некогашната синагога „Кахал Португал“ во Градскиот парк, а имавме среќа во рамките на театарската програма на Бит фест 2015 да ја погледнеме и една од најдобрите израелски театарски претстави „Нашиот клас“, која и според текстот, режисерскиот концепт и акретската игра битолската публика ја доживеа како прецизна театарска бравура. Сакаме да промовираме еден нов начин на комуникација преку директни и почести средби каде би се унапредила сооработката, а  Битола со својата стратешка поставеност од културен и географско – историски аспект го развива сопствениот економски просперитет во индустријата и стопанството, сето тоа благодарение на културата. Истио така, од особено значење за Бит фест 2015 е третото интеранционално издание на „Битола Шекспир фестивал“, а моето задоволство е толку поголемо што една ваква одлична идеја, еден уникатен фестивалски концепт е прифатен во Србија, а догодина ваков фестивал ќе биде организиран и во Бугарија, така што идејата е да се направи мрежа на вакви фестивали, а Битолскиот народен тетар останува сцена на која се одиграле најмногу наслови на единствениот Вилијам Шекспир. Оваа година  имавме и прекрасно 45 јубилејно издание на Илинденски денови, кое што заврши со одличниот концерт на Љубојна и гостинот Исмаил Лумановски. Бит фест е  навистина значајна манифестација од мултимедијален културен карактер, ние ја организираме во соработка со културните институции, граѓанските здруженија и индивидуалните уметници од општината и главно од нашето опкружување.  БИТ ФЕСТ, без овогодинешново издание, кое се уште трае, свеченото затворање е предвидено за 27 август, може да се пофали со над двеста настани од областа на класичната музика, над триста рок-поп, етно џез музицирања, повеќе од педесетина театарски претстави, над седумдесет реализирани изложби, над сто настани од областа на литературата. Проектирани се повеќе од деведесетина значајни филмски остварувања, реализирани се повеќе од педесетина независни фестивалски концепти, над педесетина мултимедијални проекти и над четириесет и пет социо – културни настани. Вкупно станува збор за над две илјади настани, со над дваесет илјади изведувачи, кои биле посетени од над половина милион публика.

Со особено задоволство, лично мое, а верувам и на сите битолчани, ќе констатирам БИТ ФЕСТ 2015, десетта година се потврдува како не само како именител на битолската културна традиција, туку и како концепт кој ги акцентира и модерните културни случувања, концепт кој е истовремено и отворена врата за младите ументички индивидуи и креации.

IntervjuKurir