ТАЛЕСКИ ВО ПОСЕТА НА ЈОУДГ „ЕСТРЕЈА ОВАДИЈА МАРА“

ТАЛЕСКИ ВО ПОСЕТА НА ЈОУДГ „ЕСТРЕЈА ОВАДИЈА МАРА“

Со интересна програма и голем број активности децата од Детската градинка Пролет при ЈОУДГ Естреја Овадија Мара денеска го дочекаа градоначалникот на општина Битола и своите соработници од Биосфера. Установата во која се згрижуваат 700 деца во 7 градинки, имаше повеќе поводи со кои се претстави пред гостите:

„Денес во нашата градинка во присуство на градоначалникот беше доделена донација од страна на Биосфера, подарена заради заложбите од имплементацијата односно интеграцијата на еколошката едукација во воспитно образовниот систем, веќе втора година тоа го правиме, интензивно соработуваме со Биосфера со чија помош и поддршка во текот на денот го добивме и сертификатот кој што е еден од трите поделени во државата за денот на акцијата – 7 ми ноември. Естреја Овадија Мара стана и модел градинка во која што ќе се пилотира имплементацијата на стандардите за ран детски развој, а 80% од нашите воспитувачи ги поминаа обуките, успешно во изминатите две години и се стекнаа со сертификати“, изјави Лидија Петровска, директор на Естреја Овадија Мара.

Покрај споменатите, во оваа установа се реализираат и голем број други проекти, поради што интересот на родителите своите деца да ги пуштат во детска градинка станува се поголем. Тоа создава листа на чекање, која што е позитивен сигнал за отворање на нови градинки покрај споменатите. Потребите се евидентни во централното градско подрачје и во с.Долно Оризари.

„Ние максимално ќе помогнеме во реконструкција, подобрување на условите на дел од просторот кој што е потребен. Интересот на родителите е многу голем. Должиме кон жителите од Кравари еден објект кој што долго го баравме, но сега постапката е завршена, договорите се потпишани и наскоро жителите ќе ја добијат потребната градинка. Но, не е само тоа. Во централното градско подрачје на просторот наспроти „Скопска пивара“, каде што со одлука на Совет очекуваме да биде регулирано градинката да немора да плаќа за тој простор што ќе го користи, а ние максимално ќе ги подобриме условите во тој простор. Исто така ќе помогнеме во адаптација на просторот во Долно Оризари каде што исто така интересот е многу голем. Бројот на дечиња се зголемува и во централното градско подрачје и во руралните места, родителите стануваат зафатени, наоѓаат работни места и имаат потреба своите дечиња да ги носат во градинка, изјави Градоначалникот на Општина Битола, м-р Владимир Талески.

Градинките кои во моментот функционираат во рамките на ЈОУДГ Естреја Овадија Мара се во добра состојба. Во изминатиот период извршена е промена на кровна конструкција на 3 градинки, дрвената дограма е заменета со ПВЦ дограма, извршени се реконструкции на сите санитарни јазли и условите се значително подобрени. Соработката со општината продолжува и во идниот период се цел континуирана грижа за децата.