Соработката која што Општина Битола ја започна уште за време на големите пожари во 2007 година со организацијата Working Together од Франција, континуирано се зајакнува. Пожарникари од Франција деновиве повторно разменуваат искуства со пожарникарите од територијалната противпожарна единица од Битола. Денеска на средба со Градоначалникот Владимир Талески,. поразговараа за досегашните активности и идните планови:
„Повикани бевме од француската амбасада во 2007 година кога беа големите пожари и оттогаш до денес доаѓаме за оваа проблематика шумски пожари. Со ТППЕ започнавме соработка затоа што навистина во овој регион проблематиката со шумските пожари постои и тука сакаме да ги пренесеме својата техника и искуство. Благодарение на Општина Битола бевме гостопримливо примени и професионално ја извршуваме работата во изминатите години. Тука имаме добра основа да направиме програма за обука на пожарникари, изјави Лорен Брујон, претставник на асоцијацијата Working Together од Франција.
Големото француско искуство е од особено значење за битолската противпожарна единица. Програмата за 2013 та година предвидува специјална обука која ќе биде организирана во месец мај, а има за цел што поголема обука на младите волонтери.
„ТППЕ во соработка со општината ќе им овозможиме максимални услуги и средства со цел тие да бидат максимално ефективни на терен. Целта е што повеќе ова француско искуство да го пренесеме не само на професионалните пожарникари, туку и намладите луѓе. Во однос на заштитата од пожари сите иницијативи потекнувале од Битола, затоа верувам дека и овој пат оваа иницијатива за зголемена обука ќе потекне од Битола, изјави Константин Поповски, командир на ТППЕ – Битола.
Изминатите години, повеќепати беа реализирани одредени вежби кои значат заштита од пожари на непристапен терен. Соработката на Општина Битола и збратимениот град Епинал од Франција се потврдува и преку големиот број заеднички активности и размени реализирани во минатиот период:
„Нашиот збратимен град-Епинал деновиве носи одлука за соработка со нас, а следниот период ќе бидете сведоци на нова донација на возило за гаснење на шумските пожари од Епинал Франција. Се работи за возило Ивеко. Најстарата противпожарна единица на Балканот, нашата – битолската од остварената соработка со своите колеги во Франција првото донирано возило беше токму од амбасадорот на Франција во РМ. Тоа возило и денеска е најуспешно на терен, изјави Градоначалникот на општина Битола м-р Владимир Талески.
Пред неколку месеци во интерес на едукација и обука на населението Општина Битола отстапи простор на ПЕГАЗ и ТППЕ. Ваквиот пристап е со големо значење за превенција и гаснење на пожари.