ТРЕТО ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ЖАБЕНИ

ТРЕТО ОДОБРЕНИЕ ЗА ГРАДБА ВО ИНДУСТРИСКАТА ЗОНА ЖАБЕНИ

 

   Општина Битола, денес го издаде третото одобрение за изградба на фабрика во Индустриската зона Жабени. Новата фабрика на инвеститорот Мирсат Јонуз ќе се гради на површина од 4000 м² и ќе значи нова можност за вработување на граѓаните од овој регион.

„Продолжува големиот проект Индустриска зона „Жабени“ пред нас е големата фабрика „Кромберг и Шуберт“ која што веќе работи, ставена е во функција, таму има над 200 нововработени наши граѓани, а за скоро очекуваме, да се направи првиот извоз при крајот на јануари или почетокот на февруари, затоа што тие веќе почнаа со производство. Знаете дека е издадено и второ одобрение за градба, тоа е за една млекара која што ги чека финансиските средства од ИПА фондовите и денес го имам големото задоволство да го предадам третото одобрение за градба, тоа е оваа парцела зад нас на која што ќе се изгради фабрика за изработка на пластична амбалажа за прехранбена и хемиска индустрија, изјави Градоначалникот на општина Битола, м-р Владимир Талески.

Претставникот на фирмата на Мирсат Јонуз изрази големо задоволство што наскоро ќе започне изградбата на фабрика во зоната во која што, Општина Битола им даде големи поволности на инвеститорите:

„Фирмата Мирсат Јонуз се наоѓа во Скопје, задоволство ми е што имам можност да го примам ова одобрение за градба. Со изградба на фабриката започнуваме веднаш по подобрувањето на временските услови“, изјави.Џевдет Фејзуловски претставник на фирмата.

Во постапка за добивање одобрение за градба на фабрика во индустриската зона Жабени се уште пет инвеститори, а идната градежна сезона се очекува покрај фабриката на „Кромберг и Шуберт“, да започне изградба на уште 7 нови фабрики.